„Бев на Златна бубамара на популарноста 2022 – како си поминав?“
А маестралниот Сашко Коцев? Домаќин каков што само можеме да си посакаме! Едноставен, уникатен, свој со одлично осмислени шеги, на моменти со дрзок пристап кон случувањата во нашето општество, но на толку симпатичен начин што навистина не смее никој да му се налути.
Коментираше и за вакцините и за маските и за сите случувања од изминатите две години.
Годинава во најдобро издание досега ги видовме и Тино и Атанас, заменските, техничките и уште не знам какви водители, кои овојпат имаа точка за паметење. Од тежината на Тања Кочовска и Тамара Тодевска со тетовирањето на грешките до нашите политичари, никој не беше поштеден, но ние се смеевме до солзи и Тино Костадиновски и Атанас Атанасовски ви благодариме за тоа.
Но, одлично беше и видео обраќањето од Загреб на капитенот на македонската фудбалска репрезентација Стефан Ристовски, кој им кажа на Тино и Атанас: „Нели ние фудбалерите бевме туристи и играорци, гледате ли сега што направивме... што да правам, ми дојдовте на волеј, морав“.
Наградата дует на годината ја добија Александар Митевски и Драган Спасов Дац, албум – Влатко Стефановски, а спот Некст Тајм за „Кога падна Пирина“.
Климаме со глава, дефинитивно заслужено!
Ристо Самарџиев ни ја помилува душата со изведбата на „Таму кај што си“, а Симон Трпчевски нè направи горди што среде сите тие концерти низ целиот свет најде време да ни приреди мал спектакл, а на сцената ни ја донесе и својата преталентирана наследничка Лара Трпчевска, која воодушеви со вокалот.
Симон порача: „Ништо не може да ни ја одземе љубовта кон нашата татковина“.
фото: Инстаграм
Бубамара се одржа токму на Денот на медицинските сестри (12 мај) и на сцената се појавија неколку претставнички од нив на кои им се поклонуваме до земја за целата пожртвуваност во текот на борбата со короната.
Композитирот Николче Мицевски и браќата Тавитијан исто така беа помеѓу наградените, а почест им се оддаде на маестро Александар Џамбазов, актерот Славиша Кајевски, актерката Сабина Ајрула-Тозија и низа наши и регионални ѕвезди кои за жал ги изгубивме.
Гостин од регионот годинава беше ненадминливиот Жељко Бебек, кој со вокалот и легендарните песни направи атмосфера за паметење.
На сцената на отворањето се појави и Влатко Лозаноски, а награда додели и Тамара Тодевска, во фит издание со кожен стајлинг.
Настанот започна од 20 часот, точно навреме, и траеше 4 часа и 40 минути. Долго, но вредно да се издржи до крај.
Гласаме за уште многу „Златни бубамари на популарноста“ и успеси на поле уметност и спорт. Македонија заслужува да има настани од овој тип.
Уметниците го заслужуваат ова, спортистите го заслужуваат ова, ние го заслужуваме ова...
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело