„Бев на Златна бубамара на популарноста 2022 – како си поминав?“
- Детали
- петок, 13 мај 2022
Во миговите на кулминација се топев од убави емоции, бев горда што сум Македонка, се ежев кога со стоечки овации ја поздравивме нашата фудбалска репрезентација и теквондистот Дејан Георгиевски, кој ни донесе олимписко сребро, се гордеев што имаме младина како извидникот Петар со грашокот, уметници како Наум Петрески и Ферус Мустафов и шоумени како Сашко Коцев, Тино и Атанас...
По пандемија, мерки, маски, вакцини, изолација, вирус, статистики и комплетно стопирање на нормалното темпо на живот искрено едвај чекав да дојде „Златна бубамара на популарноста“.
Зошто? Затоа што буквално ми требаше „да живнам“. Дефинитивно, одлично погодено мото („Да живнеме“) на 25-тото јубилејно издание на најкултната манифестација кај нас, која се одржа вчера (12 мај) во спортската сала Борис Трајковски.
Да живнам по долго време без концерти, манифестации, настани... Мене ми е потребна енергија, дружба, луѓе, смеа, добра музика и јавно велам: „Благодарам Златна Бубамара“ и „Благодарам Ранко Петровиќ за организацијата“.
фото: Фејсбук
Одлично осветлување, капацитет исполнет до последно место и дефинитивно нешто наше, а светско. Плус дававме аплауз од срце, имаше овации, станувавме, поддржувавме затоа што Македонија има на што да биде горда. Уметници и спортисти, гордост македонска...
Знам дека е вложено време, љубов, труд и пот, но од друга страна последново и ние го вложивме, што од смеа, што од екстремно високата температура во салата. Но, на сета смеа и забава ќе простиме за овој мал пропуст.
А тоа што на отворањето го викнавте малиот извидник Петар, кој не можеме, а да не го помниме по симпатичната изјава за грашокот беше полн погодок. Тој дури ни порача: „Јадете здраво, одете на планина и носете резерва бурек“.
И ми се допадна што оддадовме признание и што ракоплескавме горди на нашата фудбалска репрезентација и во еден глас со Ристо Самарџиев ја пеевме песната „Црвена, црвена“ и навиваме за нив, односно навивавме за нас, за нашата Македонија.
Душата полна убавини ни беше и кога му оддадовме почест на нашиот теквондо мајстор Дејан Георгиевски кој ни донесе сребро од Олимпијадата и се претстави со говор достоен за еден врвен спортист како него.
Убаво ми беше и кога Наум Петрески со песни ми ја милуваше душата, кога Благица Павловска покажа дека е наша легенда, која засекогаш ќе остане препознатлива по енергијата и изгледот, и кога Ферус Мустафов со својот настап ја крена атмосферата до точка на вриење.
фото: Фејсбук
Тука беше и култниот Игор Џамбазов, кој нема пропуштено да учествува на ниту една „Златна Бубамара на популарноста“, веќе цели 25 години.
Да, Кили ни недостигаше, но беше испратен поздрав до него директно до Еквадор. Човек со таква енергија не може да биде заборавен.