Кристијан од Ресен ги искачува планинските врвови во Македонија и дегустира пива од целиот свет – има хит фотки на Инстаграм
- Детали
- среда, 06 април 2022
„Многупати сум прашуван за тоа кое ми е најдобро пиво што сум го пробал, а одговарам на тоа дека зависи колку бил тежок врвот и колку ми било слатко пивото“ – вели во изјава за CRNOBELO.com Кристијан Ќулумовски кој ги искачува македонските врвови и дегустира некои од светски најпознатите пива како награда.
Кристијан Ќулумовски (33) од Ресен е голем љубител на велосипедизмот, природата, планинарењето и секако сето тоа зачинето со некое специјално пиво од некаде низ светот.
На неговиот Инстаграм профил редовно објавува фотографии на кои можеме да видиме како дегустира некое од светски познатите пива откако искачува некои од врвовите во Македонија.
Кристијан е туристички водич и претседател на Велосипедско-планинарскиот клуб „Преспа Бајк“ со кој оваа година ја организира по 9-ти пат добропознатата велосипедско и планинарска тура „Тур де Галичица“ на нашиот прекрасен Национален парк Галичица со неповторливиот поглед на Преспанското Езеро.
Кристијан досега посетил голем број на планински врвови во нашата земја од кои и највисоките три во Македонија: Кораб 2753 м.н.в, Титов врв 2747 м.н.в и Баба на Пелистер на 2601 м.н.в.
Искачувањата со велосипед на врвовите Ниџе на Кајмакчалан, Магаро и Кота 10 на Галичица, Вртушка на Баба планина, Сталев Камен на Плакенска планина Кристијан исто така ги овековечил на Инстаграм со дегустација на пиво.
Идејата за фотографиите со дегустацијата на пиво, Кристијан за CRNOBELO.com открива дека ја добил пред речиси седум години.
„Идејата почна во 2015 година кога за првпат го посетив најголемиот и најдобриот настан на пивото во светот „Oktober fest“ во Минхен. Тоа беше едно огромно доживување за мене како и за секој љубител на пиво и кое ме натера на таа работа да дегустирам пива.
На враќање од Германија се вратив со доста голема количина на различни пива и идеја ми дојде оттаму за да не бидат испиени и заборавени, решив да отворам Инстаграм профил на кој ќе бидат запишани.
За да биде интересно, како љубител на планините решив секој искачен врв дали пеш или со велосипед да биде одбележан со пиво од различни места низ светот.
Како почнував да објавувам слики, така и пријателите и роднините ме гледаа како тоа го правам со ќејф и секој што ќе патуваше на некое место ќе ми донесеше некое пиво од насекаде низ светот“ – раскажува Кристијан.
Според Кристијан, Белгија е земјата каде што се прават најдобрите пива во светот со многу долга традиција, а открива дека токму оттаму потекнува и најскапото пиво што некогаш го пробал - La Trappe Trappis Oak Aged.
„Многупати сум прашуван за тоа кое ми е најдобро пиво што сум го пробал, а одговарам на тоа дека зависи колку бил тежок врвот и колку ми било слатко пивото. Но, ако треба да се одлучам би го одбрал ‘OMER Traditional blond’ во белгиски стил и со 10% алкохол.
Најстаро пиво што сум го дегустирал е од многу добро познатата и најстара пивница во светот ‘The Bayerische Staatsvrauerei Weihenstephan’ која датира уште од 1040 година и сѐ уште е активна.
Секако не можам да одделам ниту едно пиво од нив бидејќи се сите предобри, а посебно ‘Weihenstephaner Vitus’ на 7.7% алкохол и едно од најдобрите светски ‘weissbier’ пива и во 2018-та година прогласено за најдобро светско пиво ‘Weihenstephaner hefe weissbier’ – вели тој за CRNOBELO.com
На следната страна погледнете повеќе фотографии и видеа од дегустациите на пиво на Кристијан...