Мери откако пристигна од Украина во Македонија: „Сопругот можеше да си замине, но остана да се бори“
- Детали
- вторник, 01 март 2022
„Сопругот ме донесе до граница, а потоа замина во еден западен град на Украина и сега е таму. Беше како на филм, одите и гледате тенкови, војници, на секој мост проверуваат дали имате бомби или не“ – раскажува Мери Амбросова, која неколку години живееше во Украина, а по руската инвазија на земјата, со ќеркичката Марта се врати во Македонија.
Мери имаше обраќање во живо на Инстаграм во кое говореше за тоа како поминало патувањето од Украина до Македонија.
Таа појасни дека до границата ги донел нејзиниот сопруг, а обраќањето го искористи да искаже благодарност до сите оние што биле загрижени за неа, но и за да ги замоли следбениците да ги сочуваат мирот и спокојот.
„Секој од нас треба да задржи спокој и мир и ќе следат не многу лесни работи, но ние треба да не потпаѓаме под стрес и во нервози, затоа што дојдов тука и гледам дека сите сте под паника и под стрес – што и да се случи да останеме мирни, сè ќе се реши надворешно, но сè она што ќе го претрпиме како стрес и нервоза ќе се одрази врз нашето здравје.
Јас сето тоа го пројдов со мал стрес. Кога се пакував бев под шок, но видов дека не сум зела буквално ништо, но тоа сè ќе се купи ќе се надокнади“ – вели таа.
Потоа раскажа како го доживеала патувањето од Киев до украинско–романската граница.
„По пат поминавме убаво. Беше како на филм, одите и гледате тенкови, војници, на секој мост проверуваат дали имате бомби или не.
Барем јас немам живеено во војна и стварно не знам како е – ова беше мое прво искуство да видам да се случува нешто што сме го учеле во книги. Едноставно никој не мислеше во Украина дека ќе дојде до ова“ – вели Мери.
Таа раскажа за една непријатна ситуација кога на полноќ им се дупнала гума, а немале резервна. Како што вели, никој не сакал да им помогне на патот, но за среќа некои луѓе застанале и му помогнале на нејзиниот сопруг да ја однесе гумата до најблискиот град и да ја залепи.
Додека сопругот бил да ја поправи гумата, таа и Марта сами чекале во автомобилот.
„До границата стигнавме преку споредни патишта, а странците без никаков проблем поминуваа“ – раскажува Мери која и самата била сведок на тажната слика од мајки со деца кои преминувале, а мажите останувале да се борат за татковината.
Како што рече, мошне била изненадена од нејзината 3-годишна ќеркичка Марта која го преспала целиот пат.
Таа појасни за тоа каква е ситуацијата во Украина според информациите што ги добива од сопругот, но и од нејзините пријатели таму.
„Во Украина моментално нема греење, водата во некои градови се пие, во некои не – недостасува храна“ – вели таа.
На прашање од следбениците каде е сега нејзиниот сопруг, таа уште еднаш потенцира дека никој не очекувал дека Киев ќе биде бомбардиран, па како што вели, од дома излегол без ништо.
„Сопругот можеби можеше да ја напушти Украина, но остана да ја брани. Имам уште една пријателка Македонка што живее во западен град, таа ќе си оди, а нејзиниот сопруг ќе остане да се бори“ – вели Мери и појасни дека нејзиниот сопруг од граница се вратил во еден западен град кај пријатели.
Мери објасни дека сигурно ќе остане 2 до 3 години во Македонија додека таму да се средат работите.
Целото нејзино обраќање проследете го во продолжение:
Б. С. Б. | Црнобело