Интервју со Лара Иванова: „Евровизија е моментот кој треба да се живее“
- Детали
- петок, 04 февруари 2022
Која е Лара на евровизиската сцена?
Скромна девојка, која има само една цел – да ја претстави Македонија во најдобро светло. Моите од секогаш ме учеле дека колку и да напредувам во животот секогаш треба да останам присебна. Евровизиската сцена е мојот сон. Јас верувам дека еден ден ќе го живеам тој сон. Евровизија е моментот кој треба да се живее. На Евровизија имаш само три минути. Тоа е целата вечност кога е во прашање таа сцена. Тогаш си само ти, публиката и милионската јавност која гледа. Тогаш си најмоќен. Тогаш победата е најслатка и живееш за неа.
Како го балансираш времето за балет, музика и учење?
Кога нешто сакаш и си посветен кон тоа, секогаш наоѓаш време за да ги завршиш обврските. За секој ден правам план кои се моите обврски, без разлика дали се во склоп на училиштето или надвор од него. Приоритет им давам на обврските кои не можат да се одложат, додека другите ги вклопувам во преостанатото време. Засега добро се носам со тоа и се надевам дека така ќе продолжам и во иднина. Музиката е мојот живот. Балетот е мојата пасија.
Сподели ја со нас приказната за „Цвеќето на тагата“.
„Цвеќето на тагата“ е моќна балада која ја доживувам многу силно. Приказната ги истакнува емоциите на една невозвратена љубов. Но и покрај тагата, во песната има светла точка која нè мотивира да се издигнеме и по тажните моменти. Во два стиха има моќна порака да се продолжи понатака со насмевка на лицето и нова надеж. Песната започнува бавно и тивко, а завршува со очекувања. Сепак на крај е љубов. Љубовта секогаш победува.
Дали потајно се надеваш дека токму ти ќе настапиш на Евросонг за Македонија и доколку тоа се случи дали имаш дилема на кој јазик ќе ја пееш песната?
Желбите се големи. Секогаш оставам простор на оптимизмот. Јас сум личност која секогаш се надева на најдоброто. Па нека биде така и сега. Имам голема желба да бидам дел од евровизиската сцена и да ја претставам Македонија во најдобро светло. Оваа година сите учесници имаат одлични песни и кој и да и да победи ќе биде најдоброто за Македонија. Песната звучи подеднакво добро и на двата јазици. Но сепак, македонската верзија ми е омилена. По Калиопи, редно е повторно да се слушне македонски јазик.
Како изгледа еден ден на Лара кога нема обврски со музиката, што прави во слободно време и што ја прави Лара среќна?
Кога немам обврски со музиката се трудам времето да го поминам продуктивно и исполнето. Обожавам да сликам, активно вежбам, ако сум изморена читам книга за релаксација. Од моето слободно време секогаш одвојувам и за да посветам доволно внимание за моето семејство и пријателите. Тоа што ме прави среќна секако е добрата музика.
Фото: Лоран Иванов