„Мојот школски другар“ - Каролина Гочева со поддршка за соученикот од средно училиште Кирил Лазаров (фото)
- Детали
- вторник, 09 ноември 2021
„Поздрав и до нашите поранешни соученици од IV-6, гимназија Јосип Броз Тито од Битола, генерација - „како да беше вчера”...“, напиша Каролина Гочева на фотките на кои позира со школскиот другар од средно училиште, легендарниот Кирил Лазаров.
Во неделата (07.11) во новиот трговски центар East Gate Mall, се случи промоцијата и потпишување на автобиографското дело на еден од најдобрите ракометари во 21-от век, Кирил Лазаров, насловена „Секогаш на победа“.
Најдобриот стрелец во историјата на Лигата на шампионите и рекордер по многу основи во светот на ракометот, на хартија ја пренесе својата ракометна и животна приказна во соработка со српскиот новинар Жика Богдановиќ, основач на регионалниот ракометен портал „Balkan-handball“.
Патувањето од родното Свети Николe до Нант, каде што ќе ги закачи „патиките на клин“ во летото 2022 година, е опишано на интересен начин со бројни анегдоти и лекции кои ќе бидат водич за новите генерации и потсетник за современиците на голема кариера.
Книгата, која сигурно ќе им се допадне на љубителите на спортот во Македонија и во целиот регион, веќе е достапна во продажба.
На еден од промотивните настани по повод објавувањето на книгата присуствуваше и Каролина Гочева.
Таа објави фотки оттаму и откри дека со Кирил Лазаров се школски другари од средно училиште.
„Пред неколку дена, мојот школски другар Кирил Лазаров ја промовираше својата автобиографија во која раскажува за својот пат од самите почетоци на неговата блескава кариера…
Кире, честитки за сè што си постигнал до сега, се радувавме на сите твои успеси и ги чувствуваме како свои…
Поздрав и до нашите поранешни соученици од IV6, гимназија Јосип Броз Тито од Битола, генерација - „како да беше вчера”. Се гледаме на следна годишнина од матурска!“
С. С. | Црнобело