Чифлиганец го отвори прашањето – Вучиќ нареди во најбрз можен рок да се потпише договор со кој на македонските и на српските граѓани ќе им се овозможи да купуваат недвижен имот во двете земји
- Детали
- четврток, 04 ноември 2021
Македонските бизнисмени Ванчо и Душко Чифлиганец, топ менаџментот на Адора, која што во моментов во Србија има градежна инвестиција од 15 милиони евра во двете насоки, на средбата „Отворен Балкан“ во Белград со претседателот на Србија, Александар Вучиќ го отворија прашањето и побараа да се потпише договор меѓу двете земји со кој ќе им се овозможи на македонските и на српските граѓани да купуваат и поседуваат недвижен имот во двете соседни земји.
Српскиот претседател Вучиќ веднаш реагираше и побара од српските и македонските служби да најдат решение и ова прашање што поскоро да се затвори за македонските граѓани слободно да можат да купуваат недвижен имот во Србија и обратно, српските граѓани во Македонија. Тој очекува прашањата кои што денеска беа отворени во Белград, да се затворат во најбрз можен рок во интерес на бизнисмените и на граѓаните.
Генералниот директор на Адора инженеринг, проф. д-р Ванчо Чифлиганец и директорот на Adora Living Solutions-Белград, Душко Чифлиганец, кои беа дел од претставниците на македонската бизнис делегација на средбата со претседателот на Р. Србија, Александар Вучиќ, албанскиот премиер Еди Рама, македонскиот потпреседател на Влада, Никола Димитров, претставници на стопанските комори и бизнисмените од сите три земји, ја поздравија иницијативата „Отворен Балкан“ и потенцираа дека само на овој начин можат да се градат мостови меѓу народите и државите од Западен Балкан, а не ѕидови како некои политичари во светот. Бизнисмените веруваат дека иницијативата „Отворен Балкан“ ќе овозможи и ќе го подобри слободното движење на стоки, на човечки ресурси, обезбедување услуги, а пред се слободата на проток на капитал, основните европски и светски постулати за остварување подобри бизнис релации.
„Со иницијативата ’Отворен балкан‘ заедно политичарите и бизнисмените ќе ги урнеме бариерите кои се поставени пред бизнисот на балканските земји. А нашите народи ќе станат уште поблиски. Драго ми е што бизнисмените од Србија, Албанија, Бугарија, Грција и другите земји од регионот рамноправно се прифатени во мојата земја. Лично како македонски бизнисмен, пред две години започнав бизнис во градежниот сектор-високоградба во Србија, како директна инвестиција на компанијатa Adora Living Solutions- Белград, инвестирајќи околу 15 милиони евра во двете насоки. Инвестирам во Србија, а сум прифатен како дома, имам третман како да сум домашен инвеститор или поточно како да сум посакуван странски инвеститор. Тоа е иницијативата ’Отворен Балкан‘ на дело, не декларативно, туку практично и верувам дека преку оваа иницијатива нашата соработка ќе продолжи да се подобрува.Наша заедничка цел е економски бенефит на нашите народи на Балканот“, потенцира Чифлиганец на средбата во Палата Србија во Белград.