Попис 2021: Попишани повеќе од 200.000 граѓани за четири дена, во тек се технички усогласувања за да се задржи високиот интензитет на попишување
- Детали
- четврток, 09 септември 2021
Пописот на населението, домаќинствата и становите, кој започна да се спроведува на цела територија на Северна Македонија на 5 септември се одвива со голема поддршка и интерес од граѓаните.
Потврда за тоа е големата бројка на попишани граѓани. Само во првите четири дена со попишувањето се опфатени повеќе од 200.000 граѓани.
Државниот завод за статистика изразува благодарност до сите граѓани кои свесни за важноста од спроведување на оваа најобемна статистичка операција, се конструктивен партнер во процесот.
Во тек е надминување на помали технички предизвици кои повремено се појавуваа претходните денови кога на терен имаше висок интензитет на попишување. Сите внесени податоци се успешно процесирани во системот, а техничките усогласувања се прават со цел процесот да продолжи со несмален интензитет.
Досегашната динамика на попишувањето на терен е гаранција дека заклучно со 30 септември успешно ќе бидат попишани населението, домаќинствата и становите на територијата на целата земја.