Во тек е реконструкцијата на улицата Лука Геров во Ѓорче Петров
- Детали
- среда, 21 јули 2021
Денеска почнаа градежните работи од реконструкцијата на улицата Лука Геров во населбата Даме Груев, општина Ѓорче Петров, на потегот од надвозникот до воениот отпад. На почетокот на градежните работи присуствуваше градоначалникот Петре Шилегов.
- Предвидена е реконструкција на коловозот во вкупна должина од 1648 метри, реконструкција на тротоарот и реконструкција на атмосферската канализација во должина од 33 метри. Станува збор за исклучително важна улица која претставува главна сообраќајна артерија на скопската населба Даме Груев, но истовремено е дел од единствениот пат до населбите Ново Село, Кисела Јабука, Никиштане, Волково и Кучково. За таа цел од буџетот на Град Скопје одвоени се 31,3 милиони денари, а рокот на изведба е 9 месеци, но како и со динамиката на работите на преостанатите сообраќајници и брзата работа, очекувам реконструкцијата да биде целосно готова во октомври – кажа Шилегов.
Шилегов додаде дека вчерашниот почеток на изградбата на клучката кај Момин Поток е дел од големиот проект за изградбата на нов крак на булеварот Словенија, кој е предвидено да е во должина од околу 4 километри и да се поврзе со Волково. Со истиот, како и со изградбата на новиот мост во Карпош 4 на улица Љубљанска, жителите од овој дел на градот би добиле нова сообраќајна алтерантива и поврзување со преостанатиот дел од градот.
Улицата Лука Геров се реконструира во рамки на големата градежна офанзива, каде што и оваа година ќе се реконструираат повеќе главни градски сообраќајници во сите десет скопски општини, кои ќе бидат изведени во рекордно кратки рокови. Реконструираните улици се побезбедни за сите учесници во сообраќајот, го продолжуваат рокот за амортизација на возилата и со тоа им заштедуваат средства на граѓаните.
На почетокот на градежните работи присуствуваа и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева и градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Наумовски.