Мини ЗОО паркот во СУГС Браќа Миладиновци отворен за посетители
- Детали
- четврток, 10 јуни 2021
Скопје, 10.06.2021 година - Градоначалникот Шилегов заедно Мила Царовска, , Аријанит Хоџа и Елизабета Ангелеска, денеска присуствуваше на отворањето за посетители на мини зоолошката градина – ЗОО Парк и систем за аквапоник во дворот на средното земјоделско-ветеринарно училиште „Браќа Миладиновци“ во Скопје.
- Чест ми е што сме денеска овде во едно од најинвентивните и најкреативните училишта и од аспект на луѓето коишто овде работат како наставници, како управа, како директор, меѓутоа и од аспект на учесниците што мене особено ме радува. Ова е едно од училиштата во коешто и јас како градоначалник пред некаде околу три години ја препознав таа креативност и како што самите можете да видите денеска целосно се оправдани поддршката и вложувањата што ние ги дадовме како Град, Министерството за образование и наука, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Општина Кисела Вода.
Денеска можеме да присуствуваме на официјалното отворање на реновираната зоолошка градина која има повеќе од триесет различни видови животни, што постоеше во рамките на училиштето меѓутоа ние ја изреновиравме и сега ја правиме достапна за граѓаните. Влезот ќе биде бесплатен, меѓутоа сакаме до колку некој сака да даде средства за влез и да го поддржи овој процес којшто е резултат на вредните и бистри умови на средношколците пред се, нивни вредните раце, како и на поддршката на нивните наставници и на Градот Скопје- кажа Шилегов.
Тој додаде дека „Браќа Миладиновци“ е едно од средните училишта во градот каде што се одвива дуална настава, со што се гарантира дека реално дефицитарниот кадар, како стручен кадар и во рамките на земјоделската струка и во рамките на ветеринарните техничари, што овде се профилираат, ќе им даде можност на децата коишто овде се запишуваат по завршувањето на средното училиште да бидат конкурентни на пазарот на трудот и ќе можат веднаш да се вработат.
- Град Скопје во изминативе три и пол години сериозно вложува во инфраструктурата на училиштата, во ова училиште во коешто се наоѓаме два трака од училиштето се целосно реконструирани и се замените азбестните материјали коишто ги имавме, целосно се реконструрани училниците и се опремени со нов мебел, две нови лабаратории имаме во ова училиште, дигитализирано е целосно училиштето од смарт табли до антибактериски подови, така што за мене како градоначалник императив е и можете да видите во овие отворени денови коишто ги имавме во средните училишта колку е подобрен квалитетот на нивната инфраструктура, но нема да престанеме да инвестираме бидејќи така инвестираме во нашата иднина- нагласи Шилегов.
Оваа зоолошка градина во дворот на училиштето постои веќе повеќе години, и е дел од практична настава за учениците, а од денеска таа официјално ќе биде отворена за сите посетители.
Влезот е слободен, односно со донирање на симболична сума, секој ќе може да влезе и да го посети ЗОО Парк во средното училиште „Браќа Миладиновци“.