Пријавете се на меѓународниот натпревар „Креативен бизнис куп Северна Македонија 2021“
- Детали
- петок, 23 април 2021
Скопје, 23.04.2021 година - Градот Скопје ги повикува претприемачите кои што работат во областа на културата и креативните индустрии - архитектура, занаетчиство, дизајн, технологии на искуства, мода, филм, гастрономија, компјутерски игри, 3Д, играчки и игри и друго да се пријават на отворениот повик за меѓународниот натпревар „Креативен Бизнис Куп Северна Македонија 2021“.
Станува збор за единствен меѓународен натпревар за иновативни деловни идеи, производи или услуги од креативните индустрии кои имаат потенцијал да растат на глобално ниво. Се организира годишно во повеќе од 70 земји и за прв пат се случува и во нашата земја под капата на Creative Business Network (CBN), а е локално поддржан од Град Скопје.
Повикот е отворен до 04.05.2021 година.
Креативниот Бизнис Куп Северна Македонија ќе се одржи на 21 мај кога 10 избрани финалисти од сите примени апликации ќе бидат поканети да го презентираат својот бизнис пред жири составено од домашни и странски експерти, инвеститори и претприемачи. Претходно, финалистите ќе бидат поканети да учествуваат на онлајн академија каде што со помош на ментори ќе работат на подготовка на својата презентација за Купот, а воедно ќе се стекнат со знаење за развој на своите бизнис-модели и стратегии за раст. За време на академијата, финалистите ќе имаат можност да бидат дел и од неколку тематски сесии со говорници од дома и од странство.
Победникот на Националниот куп ќе добие место во Глобалната акселераторска програма, ќе ја претставува Северна Македонија на Глобалното финале 2021 година и ќе добие билет за индустрискиот форум BRIGHT во Копенхаген, во јуни. Тимовите од второто и третото место ќе добијат карта за присуство на Глобалното финале 2021 година и можност да се состанат и да се поврзат со претприемачи, инвеститори и ментори од над 80 различни земји.
Заради посебните околности оваа година, Националниот Куп 2021 година ќе биде целосно виртуелен - можност да го следат партнерите од мрежата од останатите 70 земји!
Првиот Креативен Бизнис Куп Северна Македонија 2021 го организираат Лабораторијата за социјални иновации СмартАп во партнерство со Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии – УМПАКИ, инспирирани од глобалните случувања во секторот на култура и креативни индустрии и ограничените национални можности за домашните претприемачи кои работат во областа.
Повеќе информации ТУКА, ТУКА и ТУКА