Доцна во ноќта зачука срце кај младо момче – Направена е втора трансплантација на срце во Македонија
- Детали
- сабота, 17 април 2021
Успешно е направена втората трансплантација на срце во историјата на македонското здравство - во 3 часот и 33 минути утринава, 27-годишно момче доби „втор живот“ кога срцето донирано од прерано почината девојка зачука во него, откако семејството одлучи хуманоста да ја стави на прво место во најтешките мигови.
Здравството во Македонија испиша историја кога во мај 2020-та беше направена првата трансплантација на срце во координација со Министерот за здравство и тимот составен од професионалци, откако семејството на Емилија Динева се согласи да ги донираат нејзините органи.
Сега, речиси една година подоцна, се изврши и втората трансплантација на срце во историјата на македонското здравство.
За жал, животот на млада пациентка згасна, а како што изјави Филипче, нејзиното семејство дало согласност за донација на органи. Во тие тешки мигови, семејството на младата девојка ја донело оваа хумана одлука – да спасат друг млад живот.
Во текот на денот беше пронајден соодветен реципиент кој ќе може да го прифати срцето на починатиот донор.
На 17-ти април, на полноќ, Министерот Филипче објави дел од тимот на Кардиохирургија кои беа дежурни вечерта кога се вршеше трансплантацијата.
„Петок на полноќ се прави подготовка за втора трансплантација на срце во историјата на нашата земја.
Ова се дел од колегите на Кардиохирургија кои се дежурни вечерва, им посакувам многу успех на сите, да им држиме среќа“ – напиша тој на Фејсбук.
Петок на полноќ се прави подготовка за втора трансплантација на срце во историјата на нашата земја. ❤️ Ова се дел од...
Posted by Венко Филипче on Friday, April 16, 2021
Неколку часа подоцна, доцна во ноќта, трансплантацијата заврши успешно, а донираното срце почна да чука и му даде втор живот на младо момче.
Министерот Венко Филипче објави фотографии и напиша:
Во 3 часот и 33 минути утринава кај 27-годишно момче зачука ново, донирано срце! Ова е втора извршена трансплантација на срце во историјата на државата, на Клиниката за кардиохирургија.
Честитки до сите колеги и благодарност до целиот тим кој во текот на целата вечер неуморно работеше! Ова е огромен успех на македонското здравство, кој немаше да биде возможен без согласноста за донирање органи од семејството на младата пациентка која прерано го загуби животот.
Горд сум на моите колеги!
https://www.facebook.com/filipce.venko/posts/2666524500321233?__cft__[0]=AZWHNYHSXJ_ikxVBTHEzSK4kwGeEB0cPpje6TZbRPh5g2436r5vt2RRt3VGVqvqr8lhUp9IjKdx4AGeOic0vYJLzEfaYazBREtA3yZSRW1iNZEvGgq2g-ouAj2u1nXH0a0TYOQc7Mv-wtpB_qZU3am-O&__tn__=%2CO%2CP-R
На својот Фејсбук профил, Кристијан Бундовски, специјализант по васкуларна хирургија на Клинички Центар „Мајка Тереза“ напиша моќна и емотивна објава:
„Хируршкиот конец, везе Историја! Рано утрово пулсот на Државна Кардиохирургија во својот омилен "sinus rhythm"! Доказ дека секое "срце" е душа, и само ако така лекуваме тогаш оваа наша професија вечно ке пулсира со успех!
Втора трансплантација на срце во Македонија!“
фото: Фејсбук
Секоја чест за семејството на починатиот донор, кое во најтешките мигови на тага и болка, откако ја загубија својата сакана, не заборавија на хуманоста.
Секоја чест за професионалниот медицински тим кој овозможува нов живот за пациентите.
А, на младиот пациент кој го доби срцето, му посакуваме одлично здравје!
М. М. | Црнобело