Реакција од Меѓународното училиште НОВА
- Детали
- вторник, 22 декември 2020
По повод објавениот текст на интернет-порталот express.mk со наслов: “Експертите укажуваат: “Концептот” на Царовска е обичен плагијат“, којшто го презедоа и други интернет-портали, Меѓународното училиште НОВА сака точно да ја информира јавноста за изнесените тврдења кои се однесуваат на академската програма на училиштето.
Училиштето НОВА ја следи програмата Меѓународна матурa за ученици од 11 до 16 години (Middle Years Programme-MYP, https://www.ibo.org/programmes/middle-years-programme/ ) и од 16 до 19 години (Diploma Programme -DP, https://www.ibo.org/programmes/diploma-programme/ ), раководени од реномираната International Baccalaureate Organization (IBO, www.ibo.org ). Целиот концепт на програмата е да ги подготви децата да бидат љубопитни и да се надградуваат во текот на целиот живот, а поделена е во осум (MYP), односно шест групи на предмети (DP): мајчин јазик и литература; странски јазик; математика; природни науки; општествени науки; физичко и здравствено образование; визуелни и изведувачки уметности, и дизајн. Секоја група на предмети има посебни правила за начинот на предавање и учење, како и специфични критериуми за оддржување на часовите и оценувањето.
Една од клучните придобивки на IBO училиштата e тоа што се дел од глобален систем составен од 5,000 реномирани училишта, а преку истиот тој систем наставниците и професорите се поврзуваат со нивните колеги, разменувајќи совети и практики во однос на нивната работа. Друга важнапридобивка е тоа што во Меѓународното Училиште „Нова“ се користат прецизно утврдени критериуми за оценување кои се исти во сите образовни институции што се дел од IBO програмата. Како лиценцирано училиште, наставниот кадар мора да биде соодветно обучен, а нивната работа и надворешно се евалуира. Учениците кои се дел од оваа програма, на крајот од нивното образование се стекнуваат со IB диплома, клучен фактор за прием на квалитетни високообразовни институции низ светот.
Една од квалитативните придобивки на прогамата за Меѓународна матура е во нејзинот интегриран пристап, имено повеќе наставни дисциплини во една област, во пониските одделенија, со фокус на основото образование. Интегрираниот пристап на предметите (општествени и природни науки) е базиран на потребата да се биде оспособен за процесирање информации и сознанија на мултидисциплинарнен начин. Тоа што првенствено се изучува заедно, во подоцнежните години во образовниот процес се сегментира според возраста, афинитетите, и покажаните резултати на ученикот, кадешто и самиот ученик има право на избор.
Покрај НОВА, уште неколку други училишта во земјава ја следат истата програма, вклучително и гимназијата „Јосип Броз - Тито“ во Скопје, како и основните училиште “Браќа Миладиновци” и „Кирил и Методиј“ во Скопје.
Нашата образовна програма, која е резултат на меѓународно искуство и соработка, со години покажува добри резултати, прифатена е од учениците, наставниот кадар и меѓународните образовни инстанци. Доколку Министерството за образование и наука (МОН) одлучи да практикува ист или сличен метод на работа, ние, како меѓународно училиште стоиме на располагање за споделување на искуства и изнаоѓање на најефективни форми за имплементација.
Гимназиската академска програмата на НОВА која порталите ја пренесоа, функцонира според кредит трансфер системот кој се однесува исклучиво на средното училиште, додека предложената концепт реформа на МОН се однесува на основното образование, и е во развојна фаза, така што двете програми не се подложни на споредба бидејќи се однесуваат на различни временски раздобја од задолжителното образование.