Поглед во сегашноста и иднината на текстилната индустрија во Македонија
- Детали
- понеделник, 26 октомври 2020
Штип (26.10.2020) Во организација на Текстилно Трговското Здружение – Текстилен кластер од Македонија и во соработка со Моден викенд Скопје и Концепт Моден кластер оваа сабота во домот за Млади во Штип се одржа модниот перформанс наречен "Денови на текстилната индустрија – промоција на младата генерација" во склоп на проект од ИПА пограничната програма Бугарија - Северна Македонија "Модерната текстилна индустрија како привлечна кариера за младите генерации и придонесувач за економски развој и социјален просперитет на прекуграничниот регион јули 2019 - ноември 2020".
Текстилната индустрија во прекуграничниот регион има важна улога за економиите на двете земји, обезбедува значително високи приходи од извоз и придонесува кон одржливо регионално вработување. Индустријата има потенцијал за раст, но нема млада, иновативна и креативна работна сила. Додека текстилните компании значително ги подобруваа условите за работа и ги почитуваат принципите на добра општествена одговорност на компаниите, учениците се уште не се свесни за тоа и не гледаат во овој сектор потенцијал за идно вработување.
Целта на овој настан на кој претходеше посета на производни капацитети од ученици од основните и средните училишта, како и менторска работа со дизајнерката Ирина Тошева, беше да се воспостави соработка меѓу образованието и бизнис секторот во насока на прикажување на потенцијалите на текстилната и модната индустрија кои би ги привлекле учениците по школувањето да станат дел од овие гранки.
„Преку стимулација на креативното изразување на младите ученици и студенти и со голема поддршка на нивните професори, успеавме да развиеме модели кои покажаа дека кај младите постои голем потенцијал за вклучување во текстилниот сектор”, - изјави Наташа Сивевска, директор на текстилниот кластер.
На капсулните колекции направени од текстилен отпад работеа ученици од пет средни текстилни училишта: „Димитар Мирасчиев“ (Штип), „Ацо Русковски“ (Берово), „Миле Јаневски Џингар” – (Македонска Каменица), Ванчо Прке“(Виница) и „Методи Митевски-Брицо“ (Делчево) и студентите од Технолошко-техничкиот факултет при Универзитетот “Гоце Делчев” (Штип).
Иницијативата започна во декември 2019,а заврши со модна ревија која се случи оваа сабoта во Штип. За време на настанот гостите можеа да ја погледнат и изложбата на модни скици изработени од учениците, инспирирани од “Современата текстилна индустрија“.
За квалитетна реализација на настанот активно учество и поддршка дадоа и Домот за Млади во Штип, музичкиот дует “Марија и Горан” кој ја воодушеви публиката со својот перформанс во живо, како и долгогодишниот поддржувач на текстилниот кластер винаријата „Тиквеш“.
За шминката на манекенките се погрижи „Farmasi“ во соработка со Школа за убавина Арт, а за фризурите одговорен беше „Студио Кат Кат од Штип“.
Фотографија: Баже Ангеловски