Развој на претприемништвото во Македонија и регионот преку проектот БаканМед ИННОВА
- Детали
- среда, 21 октомври 2020
ПСМ Фондација заедно со проектниот конзорциум во состав на проектот „Балканско-Медитерански Центар за претприемништво и иновации“ (БалканМед ИННОВА) успешно ги реализираше проектните активности преку кои обучи и ги зајакна капацитетите на повеќе од 700 компании во регионот.
За самиот проект и резултатите од истиот зборувавме со Софија Цали, проектен менаџер во ПСМ Фондација.
Која беше целта на проектот БалканМед ИННОВА?
Проектот, кој започна во 2017 година, имаше за цел низ обука, размена на знаења и искуства, како и трансфер на технологии да овозможи поддршка на веќе постоечки мали и средни претпријатија, како и на сите потенцијални стартапи. Проектот беше насочен кон претприемачите, а целта беше да се здобијат со нови знаења и вештини и истите да воспостават контакти со бизнис заедниците од земјите-партнери на проектот.
Какви активности беа реализирани како дел од овој проект?
Дел од активностите кои се имплементираа во состав на проектот вклучија анализа на потреби за креирање на севкупна програма за обука, беше креирана онлајн школа за претприемништво за млади лица и претприемачи која содржи 5 курсеви бесплатни за следење (ИКТ, туризам, енергија и животна среди, агробизнис и претприемништво) кои ги проследија 700 компании од регионот. Дополнително беа организирани бројни конференции и настани, вебинари за компании во раст кои ги посетија повеќе од 200 учесници само во Македонија.
Кои активности најмногу придонесоа за развој на претприемништвото во земјата?
Една од клучните активности на проектот беше акцелераторската програма за која во Македонија се пријавија 200 млади лица со идеи за почнување бизнис, на која на најдобрите 5 бизнис идеи беа доделени и грантови по 4000 евра (вкупен фонд од 20.000 евра). Акцелераторската програма вклучи 5 фази, односно прва фаза – пред-акцелераторска програма со одржани вебинари за генерирање на бизнис идеи, втора фаза за подготовка на бизнис канвас, третата фаза во која се вршеше селекција на 10 најдобри бизнис идеи, по што во четвртата фаза истите беа менторирани од експерти во областа за развој, и конечно петтата фаза бизнис план натпревар, каде 5 најдобри идеи добија финансиска поддршка за почнување на нивните бизниси.
Какви идеи имаат младите луѓе, со какви идеи се аплицираше на акцелераторската програма?
Младите беа поттикнати и менторирани да размислуваат и развиваат идеи од различни области. Дел од идеите кои аплицираа на програмата беа за дизајн и производство, интернет продавници, аудио-визуелни уметности, маркетинг рекламирање преку иновативни технологии, производство на електрични возила, платформа за видео едукација, креирање на еко и безглутенски производи, забавни и едукативни катчиња, антистрес простории, итн.
Кажете ни нешто повеќе и за финалната конференција која се одржа минатиот месец?
Како завршна активност од проектот се одржа и дво-дневна онлајн финалната конференција за проектот на која учествуваа панелисти од партнерските организации од Македонија, Албанија, Грција, Бугарија и Кипар, како и претставници на компании и граѓанскиот сектор. Дел од темите за кои се зборуваше беа интелектуална сопственост, улогата на ИКТ во руралниот развој, туризмот во период на Ковид-19, и интернационализација на стартапи преку Мрежата на бизнис можности (www.een.mk).
Активностите беа спроведени преку проектот БалканМед ИННОВА, финансиран од Европската унија.