Забранети се гостувања на музичари, по 4-ца на маса: Нови протоколи за угостителски објекти по низа забави без мерки
- Детали
- понеделник, 05 октомври 2020
Забавите со гужви и без никакви мерки за заштита кои се случуваа во неколку скопски локали и низ градовите во Македонија, предизвикаа рестриктивни мерки кои ќе важат дури и за оние кои досега ги почитуваа протоколите – забранети се гостувања на музичари, на маса смее да седат 4-ца и уште неколку нови правила.
фото: depositphotos.com
По големиот број забави без никакви протоколи кои се случија викендов, но и изминатиот период, Владата ги прифати новите рестриктивни мерки предложени од Комисијата за заразни болести.
Погледнете кои се новите протоколи:
На оваа своја седница Владата ги усвои заклучоците од состанокот на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, одржан на 4.10.2020 година, со предлог мерки за спречување од ширење на коронавирусот КОВИД-19.
Во насока на намалување на ризикот од појава и ширење на КОВИД-19, Владата ги прифати ги препорача следите рестриктивни мерки на Комисијатa:
- Не е дозволено гостување на пејачи/музички групи/диџеи во угостителските објекти кои послужуваат пијалаци и храна, вклучително и во ресторанскиот дел на угостителските објекти за сместување (хотели/мотели).
- Се ограничува максималното ниво на бучава во угостителските објекти на 55 децибели.
- Во Протоколот за отворање и работа на угостителските објекти и во Протоколот за отворање и работа на кафетериите се ограничува дозволениот максимален број на лица на една маса на 4 лица. Во Протоколот за отворање и работа на угостителските објекти, точка 6. се брише и се заменува со „максимален број на лица на една маса се ограничува на 4 лица“, а во Протоколот за отворање и работа на кафетериите се додава нова точка: „максимален број на лица на една маса се ограничува на 4 лица“.
- Комисијата укажа, а Владата прифати на стриктно почитување на точка 3. не е дозволено послужување на гости на стоење на шанк и стоечки маси како во Протоколот за отворање и работа на угостителските објекти, така и во Протоколот за отворање и работа на кафетериите
- Владата го прифати и укажувањето на Комисијата за потребата од строго почитување на забраната за работа на ноќни барови и дискотеки и потребата од преземање на ригорозни мерки од страна на надлежните институции во случај на прекршување на забраната.
ТУКА може да ги погледнете сите одлуки на Владата од 8-та седница.