Реновирани сите 19 мостови во вториот дел на Градски парк со донација од Халкбанк кон Град Скопје
- Детали
- среда, 22 јули 2020
(Скопје, 22.07.2020) - Во Градскиот парк во Скопје денеска се официјализираше завршувањето на проектот за реновирање на 19 пешачки мостови. Овој проект беше изведен како донација од Халкбанк АД Скопје кон Град Скопје. Истиот е во рамки на ХалкЕко платформата на банката, а е со вредност од над 2.000.000 МКД. Мостовите кои се наоѓаат во вториот дел од Градскиот парк и од кои голем број беа дотраени и руинирани се обновуваат целосно првпат по неколку децении.
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов упати голема благодарност до Халкбанк како општествено одговорна компанија што излезе пресрет на Град Скопје за да се спроведе реновирањето на мостовите и со тоа да ги направи подостапни за сите граѓани кои уживаат во времето поминато во Градскиот парк.
Според Билал Суџубаши, првиот човек на Халкбанк, во агендата на општествено одговорни активности на банката еден од приоритетите е поддршката на активности што придонесуваат за здрави животни навики и заштита на животната средина.
“Градскиот парк е сигурно најубавото место во Скопје, зелена оаза, место за прошетки, за спортување, рекреирање и уживање на граѓаните. Бидејќи како банка настојуваме со нашите општествено одговорни активности да поттикнеме здрави животни навики и да придонесеме за заштита на природата, со задоволство прифативме да помогнеме на Град Скопје во реализација на проектот за реновирање на 19 мостови во вториот дел од паркот. Ова е втора активност која со наша поддршка ја спроведува Град Скопје, минатата година ја поддржавме кампањата за бесплатно подигање на остатоците од бербата за да се спречи палењето на стрништата, а со тоа да се заштити воздухот од загадување.
Ова се само дел од активностите во оваа насока кои ние ги поддржуваме. Неодамна го поддржавме организирањето на првата трка „HalkEco хронометар 10 километри“, што беше и прв спортски настан организиран во време на пандемијата на КОВИД-19, кој покажа дека и во вакви услови, со добра организација, може безбедно да се организираат спортски настани. И тука е секако и нашата апликација HalkEco со која со низа подароци и бенефиции ги поттикнуваме граѓаните да трчаат, пешачат, возат велосипед или тротинет и на тој начин да обезбедуваат садење нови дрвја. Благодарение на корисниците на апликацијата, Халкбанк веќе засади стотици дрвја во многу училишни дворови низ земјава, а изврши и пошумување на дел од падините околу езерото Младост кај Велес кои изгореа во пожар минатата година”, истакна Суџубаши.
Обновата на мостовите што започна на крајот на април, опфати замена на дрвените подови со нови, поквалитетни материјали отпорни на климатските влијанија, премачкување на металните површини со боја за заштита од корозија, поставување рампи и други зафати со што тие станаа пред се побезбедни за користење, подолготрајни и естетски поубави.