Србите се враќаат од граница и преку Бугарија одат во Грција – Евзони останува затворен до 15 јули
- Детали
- среда, 01 јули 2020
И покрај најавата дека од 1 јули Грција ќе го отвори граничниот премин Евзони, сепак по неколку часа, Грците повторно ги спуштија рампите и туристите од Србија беа вратени назад.
На листата на земји кои не се дел од ЕУ, а на кои ќе им биде дозволено да патуваат во ЕУ, Македонија беше изоставена, но Србија и Црна Гора беа помеѓу земјите кои ќе можат да патуваат.
Утрово голем број Срби се упатиле кон Грција преку Македонија за побрзо да стигнат до долго очекуваното море и немало никаков проблем, но по 10.30 часот, на граничниот премин Евзони голем дел од нив беа затекнати со непријатна ситуација, која ја опишуваат како срамна и непрофесионална од страна на Грција.
Во групите каде граѓаните од регионот споделуваат информации за одморите во Грција, многумина беа разочарани по соопштението дека граничниот премин Евзони сепак изгледа останува затворен за сите до 15 јули, освен за грчки граѓани и товарен сообраќај.
Според препораките, многу од туристите се вратија до Струмица и се упатија кон Бугарија, од каде преку граничниот премин Кулата влегуваат во Грција.
Што се однесува до Македонија, ќе мора да почекаме да видиме како ќе се одвива состојбата со ковид-19 во земјава и дали по 15 јули ќе ни биде дозволен влез во земјите од ЕУ.
М. М. | Црнобело