Донација на „Авицена лабораторија“ во борбата против ковид-19: 5.000 бесплатни RТ Real Time-PCR лабораториски анализи
- Детали
- вторник, 31 март 2020
(Скопје - 31 март 2020 г.) Во ситуација кога светот е под закана на пандемијата со новиот вирус ковид-19, потребно е вклучување на сите поединци и компании за што поуспешно справување со кризата и спречување на ширењето на вирусот.
Како општествено-одговорна компанија, а во интерес на заштита на јавното здравје „Авицена лабораторија“ се вклучува со донација на 5.000 бесплатни RT Real Time-PCR лабораториски анализи за коронавирус (ковид-19), проект што се реализира во соработка со Министерството за здравство и Здравствениот дом Скопје.
Како дел од активностите што започнуваат оваа седмица е ставањето во функција на пунктот за земање примероци во склоп на Здравствен дом Скопје - Поликлиника Идадија (Млин Балкан).
Тестирањата се бесплатни за граѓаните што претходно се пријавуваат исклучиво преку матичниот лекар и системот „Мој термин“.
Сите примероци од овој пункт ќе бидат анализирани во „Авицена лабораторија“ и целосно на трошок на „Авицена лабораторија“, во услови што во целост ги исполнуваат сите светски норми и стандарди за овој тип тестирање. Во „Авицена лабораторија“ ќе се работи високопрецизен молекуларен RT Real Time PCR тест. Овој тест е CE-IVD сертифициран, валидиран за целосно автоматизирана употреба и со него се прави истовремен скрининг и конфирмација на трите таргет гени од вирусот, со вклучена внатрешна контрола, што е во согласност со нормативите дадени од СЗО, US-CDC и Ch-CDC.
„Ние како здравствена установа имаме одговорност спрема сите граѓани и општеството да се вклучиме во борбата против пандемијата. Тоа нè обврзува активно да помогнеме, ставајќи ги на располагање нашите ресурси, искуство и знаење. Наша цел е да се заштитиме меѓусебно и да го заштитиме здравјето на сите граѓани. Овој тип помош и поддршка е наменета со цел побрзо и поуспешно да се справиме со новонастанатата ситуација, да му помогнеме на нашиот здравствен систем, на сите пациенти и целокупната заедница во која припаѓаме. Само на овој начин, преку одговорно однесување кон заедницата, може да си помогнеме меѓусебно и да го заштитиме здравјето на сите граѓани“ – изјавија од „Авицена лабораторија” .
Во меѓувреме, сите заедно ја имаме обврската да ги почитуваме мерките издадени од надлежните институции, да покажеме високо ниво на одговорност спрема целата јавност и да се грижиме за сопственото здравје и за здравјето на другите.