Торба хуманост, топол оброк и чај - Каревци со „Давална“ најголема атракција на „Winterland 2020“ (фото)
- Детали
- понеделник, 16 декември 2019
Во овие ладни зимски денови, кога најлошото ни се чини секојдневно, надежта дека добрината и човечноста сепак постојат, повторно ни ја докажуваат оние помладите, од кои навистина имаме што да научиме.
Каревци повторно најдоа начин да помогнат.
Проектот ДАВАЛНА, кој за првпат започна во октомври минатата година, претставува еден од поголемите проекти по граѓанска култура, каде учествуваат ученици и професори од СУГС „Никола Карев“.
ДАВАЛНА, која навидум е само една мала куќичка при предновогодишниот базар во Скопје „Winterland“ е доказ за хуманоста на децата и за емпатијата која владее во нивните срца.
Учениците и оваа година долго и вредно се подготвуваа, со изработка на честитки со охрабрувачки зборови како и собирање на сочувана облека и играчки.
Сите собрани предмети беа изложени во Давалната и беа понудени на оние кои им се најпотребни.
Учениците и професорите се потрудија да донесат среќа не само со облеката и играчките, туку и со топлите оброци кои беа делени на штандот.
Во соработка со #Ретвитниоброк и нивната помош, Каревци успешно ги промовираа хуманите вредности на давање на оние на кои им е најпотребно.
„Прекрасно е чувството кога ќе видиме толку многу насмеани лица. Нивната радост нè радува и нас“ - се зборовите кои ги кажуваа учениците додека делеа сокови и топли чаеви.
Но, хуманоста не остана само на нивната страна од штандот. Не беше чудно минувачите да застанат и да прашаат на кој начин би можеле и самите да помогнат. Повеќето од нив се враќаа со полни вреќи облека и храна.
Делата кажуваат сѐ, а преку нив Каревци навистина кажаа многу! Тие и оваа година загреаа многу срца со нивната хуманост и чајчето од камилица.
Во продолжение повеќе фотографии од ова прекрасно искуство:
Мила М. | Црнобело