Студентката Јована Спасиќ od ФДУ победи на фестивалот „Денови на Данило Лазовиќ“
- Детали
- среда, 30 октомври 2019
Јована Спасиќ, студентка на „Факултетот за драмски уметности во Скопје“, победи на фестивалот за рецитирање поезија „ Денови на Данило Лазовиќ“, чие седмо издание се одржа во Прибој- Србија, од 22 до 25 октомври, соопштија од ФДУ.
Спасиќ, која во моментов е трета година актерска игра, работеше под менторство на проф. д-р. Тихомир Стојановски кој на ФДУ предава сценски говор, инаку во класата на проф. др. Сузана Киранџиска и Кристина Леловац.
Лауреатката победи со песната од Петре М. Андреевски, „ Ти направи едно нешто што се прави еднаш“.
Жирито во состав проф. др. Радован Кнежевиќ, актерката Даница Максимовиќ, актерката Јелена Стајковац, оперскиот пејач Оливер Њего и актерот Душан Ковачевиќ беа оние кои одлучија дека Јована е најдобра на овогодишниот фестивал.
Прибој, родниот град на актерот Данило Лазовиќ, уште еднаш ја покажа почитта кон овој голем уметник. Неговите колеги и пријатели секоја година присуствуваат на овој настан и ги поддржуваат младите талентирани студенти кои се натпреваруваат во рецитирање поезија – она што и Данило многу го сакаше и често го правеше.