А1 Македонија – домаќин на А1 Дигитална конференција 2019!
- Детали
- вторник, 15 октомври 2019
На тема „Дигитализирај го твојот бизнис: Обликувај ја иднината! Европските искуства во Македонија“, денес А1 Македонија беше домаќин на А1 Дигитална конференција 2019, на која бизнис-заедницата имаше можност да ги слушне најновите трендови во дигиталната индустрија и понудата на А1 во дигитални и ИКТ-решенија.
Со цел да биде вистински партнер во дигиталната трансформација на економијата и на општеството воопшто, А1 Македонија за своите бизнис-корисници ја организираше оваа конференција на која беа презентирани успешните европски искуства за дигитализација на бизнисот, пред сè, во доменот на „интернет на нештата“ (Internet of Things/IoT) и „клауд-решенијата“, како дел од услугите што А1 Диџитал (A1 Digital) ги нуди во рамките на своето портфолио.
Како домаќин на настанот, конференцијата ја отвори извршниот директор на А1 Македонија, Мислав Галер, кој уште еднаш ја потенцираше визијата на А1 Македонија да биде партнер во дигитализацијата на македонското општество и да го поттикне дигиталниот начин на живеење.
„Употребата на дигитални решенија расте сè повеќе од ден на ден, а дигиталната трансформација не е процес што нè очекува во иднината и за кој треба да се подготвуваме со изградба на нови технолошки решенија, туку се случува сега и насекаде околу нас. Како компанија, со ребрендирањето го завршивме нашето патување кон целосна дигитализација и сега нашата визија ја живееме стабилно и долгорочно, настојувајќи да бидеме лидер во дигиталниот свет за сите свои корисници, создавајќи и обезбедувајќи најнови дигитални искуства и алатки. Оваа дигитална конференција е само уште еден показател за тоа, но и одговор токму на потребата за дигитализација што ја наметнува новото време“, изјави Мислав Галер.
Гости говорници на оваа конференција беа врвните експерти од А1 Диџитал од Австрија, д-р Елизабета Кастаљони, генерален директор на А1 Диџитал, која се осврна на историјата и услугите на компанијата; Францис Цеперо, директор на вертикални решенија на пазарот, кој зборуваше на тема како да се изградат поврзани производи; Матијас Нобауер, директор на „клауд“ и ИТ-услуги, кој го претстави Егзоскејл (Exoscale) – „клауд-решението“ на А1 Диџитал, и Александар Прол, раководител на одделот за комерцијален менаџмент во областа на безбедноста, кој ги претстави успешните приказни за „клауд-решенијата“ и решенијата за безбедност, како и домашните, Иво Пауновски, раководител на одделот за ИКТ и партнерство, кој зборуваше за програмата „Клауд Маркет Плејс“ („Cloud Market Place“), и Јана Дурнева, која како менаџер за дигитална трансформација го модерираше настанот.
Д-р Елизабета Кастаљони, генерален директор на А1 Диџитал, која инаку има долгогодишно искуство на високи меѓународни раководни позиции во технологијата, медиумите и телекомуникациските индустрии, пред присутните ги претстави услугите и продуктите што ги нуди А1 Диџитал, но даде осврт и на А1 Диџитал како компанија што опслужува приближно 930 мали и средни бизниси во имплементацијата на специфични решенија за нивните индустрии на повеќе од 12 пазари ширум светот.
„Ние ги советуваме компаниите во врска со дигиталната трансформација и ги водиме низ дигитализацијата на нивните деловни области. Се фокусираме на апликации специфични за индустријата во ’интернет на нештата‘ (IoT), како и на производи базирани на клауд‘, наменети за современи работни места и безбедносни решенија за ’клауд‘ и ’IoT‘. Денес сме овде за да им претставиме на македонските компании дека дигитализацијата на нивните бизниси не е нешто што е далечно, туку напротив: тоа е неминовен процес што порано или подоцна мора да се случи и се надевам дека компаниите ќе успеат да го видат потенцијалот на дигитализацијата како бизнис-резултати“, рече д-р Елизабета Кастаљони.
Во рамките на конференцијата беа организирани и посебни презентации на проекти во доменот на „вештачка интелигенција“, „интернет на нештата“ и сл., на кои посетителите имаа можност одблизу да се запознаат со работата на А1 Диџитал и софистицираните решенија и дигитални технологии што ги нуди.