Вработените на Тиго Фајнанс донираа училишни материјали за полесен почеток на учебната година за децата од ранливи категории
- Детали
- среда, 11 септември 2019
Почетокот на учебната година е синоним за детска возбуда и радост за новите почетоци. Позитивната енергија е насекаде, детскиот џагор ги обзема улиците, училишното ѕвонче означува нови почетоци. Сепак, има дечиња и семејства кои ја немаат можноста во целост да уживаат во новите почетоци, бидејќи се соочуваат со основни егзистенцијални потешкотии.
Со цел да им помогнат на семејствата од социјално ранливите категории во полесно надминување на овие предизвици, вработените во компанијата Тиго Фајнанс покренаа иницијатива за донација на училишни материјали и прибор и се приклучија кон хуманитарната мисија на здружението „Љубезност“, со надеж дека нивните донации ќе им помогнат на децата подеднакво да уживаат во своето ново образовно поглавје.
„Ќе ни биде особено драго доколку со оваа наша скромна заложба, успееме да предизвикаме насмевка кај дечињата и ги охрабриме смело да зачекорат во новите патувања. Колегите во Тиго од целата држава инстантно ја поддржаа идејата и несебично се приклучија во иницијативата, која е навистина благодарна. Активностите во оваа насока продолжуваат и во иднина, затоа што нашиот индивидуален и колективен придонес е обврска кон заедницата во која делуваме и живееме. “, изјави Гордана Јовановска од одделот за односи со јавност во Тиго Фајнанс.
Донацијата беше реализирана во партнерство со здружението на граѓани „Љубезност“, кое активно и посветено работи на обезбедување на поддршка за лица од социјално загрозени категории.
„Како здружение кое секојдневно е во контакт и работи со граѓани на кои им е потребна дополнителна поддршка во надминување на секојдневните животни предизвици, ваквите активности од граѓани и компании се од особено значење, бидејќи на нашите корисници, тие некогаш им значат сѐ. Затоа, од името на целиот тим на „Љубезност“, им благодариме на вработените на Тиго Фајнанс кои самоиницијативно се вклучија во нашата акција и придонесоа овие деца подеднакво да уживаат во учебната година“, изјави Тони Станковски, Претседател на здружението на граѓани „Љубезност“.
Собраните донации од вработените на Тиго ќе бидат предадени до семејствата во округот на делување на здружението „Љубезност“.
Повеќе информации за Тиго Фајнанс се достапни на веб страницата www.tigo.mk или на телефонскиот број 13 700.