Работата на Македонската триатлон федерација признаена со престижна награда од Европската триатлон унија
- Детали
- понеделник, 18 февруари 2019
МТФ ја доби наградата за „Најистакната национална федерација за 2018 година“ од ЕТУ
Скопје, (18.02.2019) - Во Даблин, Ирска, по четврти пат беше организирана специјална Гала вечер од страна на Европската Триатлон Унија. Истата беше целосно посветена на спортот и на лицата кои придонесуваат кон неговиот развој.
Истакнувајќи го секој аспект од спортот и триатлонот, на официјалната вечера се обратија Лохлан Валш, претседател на Триатлон Ирска, и Ренато Бертранди, претседател на Европската триатлон унија. Тие ја изразија својата најдлабока почит кон секој кој се вклучува во спортот и кој придонесува кон неговиот развој, посебно триатлонот.
Затоа од посебно значење беше наградата која беше доделена на Македонската триатлон федерација за својата целокупна работа, посебно одлично организираното ЕТУ Балканското првенство во триатлон во Охрид во 2018 година. На МТФ беше доделена наградата за „Најистакната национална федерација за 2018 година“. Истата ја прими Иван Михајловски, претседател на МТФ, кој порача дека ќе продолжат со својата работа и дека за 2019 година веќе го подготвуваат Европскиот јуниорски триатлон куп.
Покрај МТФ награди добија и триатлон организацијата од Франција, Андреас Галанос, Глазгов како град кој најмногу придонел кон популарноста на триатлонот, Вики Холанд, Марио Мола и Елисе Марк.
Свеченоста беше совршено заокружена со раната утринска Претседателска трка низ улиците на Даблин каде претседателите на триатлон организациите трчаа по мирните улици на градот.