Американскиот Универзитет во Бугарија ги подготвува студентите за идните предизвици со дипломи акредитирани во САД и ЕУ
- Детали
- петок, 07 декември 2018
Потенцијални и сегашни студенти, професори и голем број гости вчера во хотелот „Стоун бриџ“ во Скопје присуствуваа на настан во организација на Американскиот универзитет во Бугарија (АУБГ), на кој специјален говорник беше поранешниот претседател на оваа земја, Росен Плевнелиев. Покрај презентацијата на програмите на реномираната високообразовна институција, фокус на настанот беа професиите на иднината, тема на која говореше и Плевнелиев. Посочувајќи дека пазарот на труд се менува како резултат на брзиот технолошки развој, тој истакна дека АУБГ е посветен да ги подготви студентите за предизвиците со кои ќе се соочат откако ќе излезат од образовниот систем.
- Во свет во кој постојано се прават големи чекори на полето на технологијата вклучувајќи и напредок на вештачката интелегенција, но и свет кој е соочен со глобални прашања врзани со средината и трансформација на општествата низ целиот свет, универзитетите мора соодветно да реагираат на потребата за нови водачи со нов начин на размислување и вештини кои се од значење на глобално ниво. Американскиот универзитет во Бугарија е место каде овој тренд прерасна во приоритет – посочи Росен Плевнелиев.
Поранешниот претседател на Бугарија есента во 2017 година стана специјален претставник на универзитетот и беше дел од конференциите кои се одржаа во Тирана и во Белград каде што пред присутните исто така говореше за професиите на иднината. На листата на најдобри високообразовни институции изработена од бугарското министерство за образование, Американскиот универзитет е неоспорен лидер и седма последователна година е на првото место. Во АУБГ има околу 1.000 студенти од повеќе од 40 земји, а дел од оваа интернационална универзитетска средина во моментов се и 16 Македонци.
Симона Атанасова од Македонија дипломирала на Американскиот универзитет во Бугарија во 2012 година на две главни насоки: политички науки и меѓународни односи и европска политика. Искуството стекнато на овој универзитет многу и помогнало за развојот на нејзината кариера, која денес ја гради како кабинетски советник на министерот во Министерството за здравство на Македонија.
- Покрај теоретското знаење со кое се стекнав на АУБГ учејќи од врвни професионалци, експерти и практичари во конкретните области, надвор од испитите што ги полагав имав можност да се стекнам и со различни практични вештини кои денес многу ми помагаат во тоа што го работам. На пример, две години бев претседател на студентска организација модел на Обединети нации каде што стекнувавме вештини како да бидеме делегати на една конференција, да заседаваме со совет, да комуницираме и сл. Искуство што го стекнав на Американскиот универзитет во Бугарија во моделот на Обединети нации сега го пресликувам во мојата денешна работа – вели Атанасова.
Американскиот универзитет во Бугарија е отворен во 1991 година со поддршка на американската и бугарската влада. Основната цел на оваа образовна институција е да ги подготви студентите за предизвиците кои ги носи економската транзиција во Југоисточна Европа и да придонесе кон градење на општество базирано на демократија, приватно претприемништво, граѓанска одговорност и толеранција кон различни култури.
Оваа институција го следи традиционалниот американски образовен модел каде студентите го комбинираат знаењето добиено од различни дисциплини. Некои од најпопуларните дисциплини на АУБГ се: економија, информатика, бизнис администрација, политички науки, новинарство и масовни медиуми. Поранешни студенти на универзитетот во моментов се на водечки позиции во интернационални компании, во државна администрација и во невладини организации низ целиот свет.