Задолжителни книги, филмови, музика - од режисерката Драгана Гунин
- Детали
- петок, 23 февруари 2018
Уметниците секогаш знаат да посочат квалитетна книга, филм и музика. Тие се тука да ги инспирираат луѓето и да ги мотивираат храбро да зачекорат кон себеси. Кога станува збор за уметничкиот вкус на нашата режисерка Драгана Гунин нема простор за двоумење. Едноставно, од почеток до крај се слушаат нејзините предлози.
Моментално таа е во процес на создавање на претстава посветена на три моќни авторки: Вирџинија Вулф, Силвија Плат и Сара Кејн, кои ќе бидат играни од Емине Халил, Вирџинија Ристеска и Деа Пајазити.
„Ви препорачувам да ја поддржите независната сцена која работи, создава, клоца, не се предава и постојано отвора нови теми. Едно од богатствата на едно Овде и Тука“, изјавува Гунин, која додека на проби го создава текстот заедно со актерките, уметничкиот порив го засладува со:
Книги
Психоза 4, 48 - Сара Кејн – Последното дело на Сара кое јас го доживувам како проштално писмо (после тоа се самоубива). Напорно е за читање во еден здив, затоа што многу од напишаните работи се апстрактни, немаат логичен тек, а притоа се со интензивен емоционален набој.
Три Гвинеи - Вирџинија Вулф – Некој образован господин (чие име не го знам) ја прашува Вирџинија како жена би спречила војна и таа пишува писма, есеи како одговор на тоа прашање. За фашизмот, образованието на жената , за феминизмот и пацифизмот, за вработеноста на жените и влијанието коешто може да го имаат ама се оневозможени затоа што тогашниот начин на живот им бил подреден на мажите.
Стаклено ѕвоно - Силвија Плат – Единствениот роман на Плат, објавен истата година кога таа си става крај на својот живот. Приказна за една девојка (всушност приказна за самата авторка) која се соочува со темната страна на својата личност, која се обидува да дознае што треба да прави со животот и по кој пат да оди. Напишана на толку едноставен начин што некогаш предизвикува болка во стомак и ве тера и вас како читател да скокнете во амбис со самиот лик.
Дневникот на Ана Франк – Следната претстава што ќе ја работам (во турска драма) ќе биде приказна за Ана од Холандија и една друга Ана од Сирија, по мотиви на Дневникот на Ана Франк. Ја користам книгава за да создадам основа со цел подобро да ги доближам световите на двете Ани, кои растат во различно време, во слични услови и како се борат со себе, како растат и го поминуваат животот во војна.
Филмови
Three billboards outside Ebbing, Missouri – приказна која е раскажана во точно време, совршено напишана со совршен кастинг. Прецизно, јасно, силно, моќно и остро. Мојот филм за 2017.
The Hours – Филмот на кој секогаш му се навраќам, посебно периодов, баш поради претставата што ја подготвуваме. Три приказни, една почнува, втора продолжува, трета го завршува дејствието и поентира. Притоа сите се надоврзуваат една на друга. Слоевито и тажно, исцрпува посебно во моментите кога почнуваш да ги разбираш ликовите. Ако филмов беше ден, ќе беше недела.
Исцелител – Ма браво!
Big Little Lies – серија од режисерот на Café de Flore (филмот што секогаш ме гаѓа до срж), мрачна ама убава приказна која те држи во неизвесност до крај. Начинот на кој се создадени ликовите, нивните намери, убиството како главна нишка, нарацијата, камерата, музиката во серијата, темите што се обработуваат, сè ова е неверојатно искуство.
The Handmaid’s Tale – едвај чекам да дојде втората сезона! На моменти ја гледав со рака на очи, затоа што има сцени толку језиви што те поместуваат од оска затоа што знаеш дека се случуваат и некаде надвор, можеби не пред наши очи, ама блиску се. И нашата реалност е доказ за тоа.
I love Dick – генијално!
Музика
The Wall, Pink Floyd – свири ми брате Pink Floyd. Како големиот розов слон што ти седи во соба. Ама убаво е да знаеш дека постои музика што те разбира.
https://www.youtube.com/watch?v=0Ufv9vDN1q8
Phillip Glass, soundtrack на The Hours – ја користиме и на проби кога работиме сцени на импровизација.
https://www.youtube.com/watch?v=wsg73PzKzDA
Diamanda Galas – една од најмоќните женски вокали. Секогаш кога сакам да се дистанцирам од светот и да се вратам на сопствената сила.
Nina Simone – посебно изведбава, може да оди на repeat со денови и пак да ја доживувам ко нова и најубава.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело