Агенцијата Њу Момент освои три лава на почетокот на Канскиот фестивал
- Детали
- среда, 21 јуни 2017
Регионалната агенција Њу Момент освои три Кански Лава со проектот „Една книга за мир“, на најголемиот светски фестивал за креативност, што се оддржува во Кан, Франција. Њу Момент ги освои наградите во категориите принт, ПР и промоции и активации.
Проектот „Една книга за Мир“ е создаден преку соработка на агенциите Њу Момент и Y&R Dubai, а е наменет за меѓурелигискиот совет на Босна и Херцеговина. Тој е насочен кон кршење на религиозните предрасуди и зголемување на свесноста за важноста на взаемното разбирање и меѓурелигискиот дијалог.
„Една книга за мир“ ги спојува учењата на светите книги Библијата и Коранот, покажувајќи напоредно колку се слични учењата во двете книги. Со покажување на сличностите кои постојат, се поттикнува дијалог помеѓу обичните луѓе и се придонесува во развојот на мирот и на хармонијата во светот.
- Оваа награда е резултат на заедничка регионална работа. Има македонски печат во неа, во смисла дека е работена и развиена во Охрид на нашиот воркшоп, и дека на некој начин е продолжение, односно ехо на нашата кампања "Заедничка молитва" која за прв пат на Њу Момент Скопје, но и на Њу Момент Балкан, ѝ го донесе првиот Кански лав. Со оваа награда се докажува уште еднаш дека напорната работа дава резултати, но и дека балканската креативност, базирана на ѕвездите и калта на Балканот создаваат врвни достигнувања препознаени од најеминентниот светски фестивал на креативноста - вели Сашо Пешев, менаџинг партнер на Њу Момент, Скопје.
Со овие награди, Њу Момент ја оправда титулата најнаградувана агенција на Балканот.
- Наградата претставува огромен успех за нашата агенција и покажува дека имаме континуитет на креативност и силна регионална соработка. Проектот беше наменет за клиент од Сараево, агенциите Њу Момент од Босна и Србија работеа на проектот, а идејата беше иницирана на нашиот регионален состанок во Охрид. Покрај сѐ ова, тука е и меѓународниот контекст низ соработката со Y&R Dubai. Ова ги подигна нашите регионални креативци од агенцијата на меѓународната сцена каде што имаа можност да покажат што значи уникатниот балкански дух и креативност - изјави Жарко Сакан, директор на New Moment New Ideas Company.
Книгата беше претставена на Меѓународната мировна федерација во Виена, благодарение на Мирнес Ковач, новинар и компаративен теолог кој работеше на проектот заедно со Њу Момент.
Во 2013 агенцијата Њу Момент Скопје го доби првиот Титаниумски Лав за проектот „10 метри“. Во 2014, агенцијата имаше два проекти кои стигнаа до финалето во Кан, а во 2015 се закити со уште два Лава: за проектот „Копче за помош“, и за „Црвен телефон“ работен за ТВ Телма. Годинава, повеќе од 40.000 проекти од над 100 земји се натпреваруваа за најпрестижните награди на традиционалниот фестивал на креативноста во Кан.