Спонзорирано од:
Спонзорирано од ОгласиЗаРабота.мк


Осврт на Д-р. Кирил Пенушлиски за делата на Глигор Чемерски: Oстави огромна трага во македонската култура

Осврт на Д-р. Кирил Пенушлиски кон изложбата на репрезентативната колекција на дела од различни периоди од творештвото на Глигор Чемерски, отворена во салонот на Српската академија на науките и уметностите.

osvrt-na-dr-kiril-penusliski-kon-izlozbata-na-reprezentativnata-kolekcija-na-dela-na-gligor-cemerski-04.jpg

Глигор Чемерски остави огромна трага во македонската култура. Чемерски беше член на Македонската и почесен член на Руската академија на науките и уметностите. Уметник со безброј самостојни изложби, добитник на важни награди и признанија и еден од уметниците кои го одбележаа македонското модерно сликарство.

Чемерски поседуваше огромна, непресушна, вулканска енергија. Веќе во првите  негови дела, настанати во втората половина на пеесетите години, евидентна е храброста на тогашното петнаесетогодишното момче. Младите уметници ’треба’ да гледаат кон големиот свет околу нив, меѓутоа меѓу зачуваните цртежи, графики и платна можат да се најдат и автопортрети. Вербата во себе и во сопствената моќ, која уште тогаш може да се забележи, беше едно од најголемите оружја (како во уметноста така и во животот) на Чемерски.

Многу е говорено за прва самостојна изложба на Чемерски во 1962 година, отворена додека тој е сеуште студент на Ликовната академија во Белград. Таа изложба ги крши сите дотогашни конвенции за тоа кога еден уметник треба да и се претстави на јавноста. Со таа изложба, тоа момче од Кавадарци прерасна во уметник - entant terrible. И тоа одбележје, тој епитет, entant terrible на македонската уметност, Чемерски гордо го задржа се до последниот ден на својот живот.
Во текот на шеесетите години, текстурата е едно од обележјата на сликарската постапка на Чемерски. Делата од тие години, како „Автопортрет“ од 1961 година, „Самрачно оро“ од 1963/65 година, „Икар“ од 1967 година или „Летна игра“ од 1969 година, се меѓу најемотивните и најсензибилните во негово творештво. Платната обилуваат со суптилни премини и партии каде играта на четката, во споредба со подоцнежната негова уметност, е воздржана. Во тие слики ’лесниот’ допир на четкицата допринесува за впечатокот за митското и за изгубената Аркадија кај гледачот, што всушност е и целта на уметникот.

osvrt-na-dr-kiril-penusliski-kon-izlozbata-na-reprezentativnata-kolekcija-na-dela-na-gligor-cemerski-03.jpg

Подоцна, византиската уметност беше негов траен предизвик и инспирација. Самиот Чемерски изјави дека Курбиново е неговиот најголем учител. Но, вековната византиска уметност, Гиче ја толкуваше на сопствен начин. Тој ја прочисти формата на фреските од Курбиново и Нерези и во своето сликарство се фокусираше, не на симболичното значење на иконографскиот предложок, туку на емотивната содржина на претставениот модел. Свети Ѓорѓија, со или без ламјата, сцените на „Оплакување“ или на благовесниот ангел од  Курбиново, се слики каде Чемерски ја истражува формата на фигурите и нивниот меѓусебен однос и игра. Многуте  циклуси  на само навидум исти слики сведочат за вечната потрага на Чемерски по ново вистинско решение. Потрага која поттикнува постојано навраќање на мотивот со мали, но секогаш битни разлики.

Византиската уметност, како впрочем и севкупното културно и ликовно богатство на Македонија, беше само иконографски потстрек за Чемерски. Неговиот ликовен  ракопис и  јазик не можат да се сместат во тесната дефиниција за една национална уметност или за некој уметнички правец. Тие беа уникатни, современи, и можат да послужат како доказ на фактот: дури и да беше роден во најдлабоката и најцрна џунгла во Африка, неоспорниот талент и потенцијал ќе го однесеа Чемерски кон светлината на уметноста.

Чемерски беше еден од најсестраните уметници на Македонија. Тој се испроба,  и успеа, во графиката, во сликарство, во мозаикот... Можеби мозаикот е најголем доказ за неговата поливалентност и за неговиот огромен уметнички талент. „Човекот и светлината“ крај хидроцентралата „Вруток“ од 1973 година, монументалните фризови на „Споменикот на слободата“ во Кочани и мозаиците во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија во вилата „Водно“, „Македонија – земјата памети“ и „Македонија – светла земја“, покажуваат дека работејќи во еден друг медиум, Чемерски ги зема најдобрите и најбитните елементи на својата уметност и дека многу лесно, без тешкотии ги преточи потезите на својата четкица во текстурата на венецијанските смалти и камчиња.

osvrt-na-dr-kiril-penusliski-kon-izlozbata-na-reprezentativnata-kolekcija-na-dela-na-gligor-cemerski-02.jpg

Најпревиден, и за широката јавност најмалку познат, допринос на Чемерски за развојот на македонската култура е неговата ’работа’ како критичар. Во документарните филмови што ги снимаше за македонската телевизија (серијата „Закопана мистрија“), во текстовите објавени во дневни весници, во бројни говори при отварање на изложби и во предговори на каталози, тој го искажуваше сопственото видување за сите работи поврзани со уметноста.  Неговата мисла беше јасна и чиста, а неговиот суд секогаш точен.

Како негов ’студент’, морам да потенцирам дека во тие текстови тој се пројавуваше не само како критичар, туку и како учител кој ги посочуваше вратите низ кои треба да се помине на патот по знаењето. Со енциклопедиско знаење за се што е поврзано со уметноста, без разлика дали се работеше за сликарство, филм, фотографија, скулптура или литература, тие текстови се сведоштва за една раскошна елоквентност и ерудиција, и за неговата боемска душа.

И токму таа боемска душа беше тоа што најмногу ме привлекуваше кон Чемерски. Јас не го гледав само како голем уметник, туку пред се како другар, како соборец и како водич кој секогаш среќно го пратев во сите авантури кои што тој ги предлагаше. Не беше важно дали се работеше за часови по левитација кај мајсторот Ренџо Мура Кавасаки, за делата на студентот од Саламанка или за откривањето на тајните алхемиски кодови во Пратовата „Приказна за Венеција“,  од Чемерски секогаш имаше нешто да се научи.

Замина еден голем човек, еден голем уметник чија што вредност за македонската култура и нација е неизмерна.

osvrt-na-dr-kiril-penusliski-kon-izlozbata-na-reprezentativnata-kolekcija-na-dela-na-gligor-cemerski-01.jpg

Би можело да ве интересира:

Миа Костова го прослави 40-тиот роденден со забава во бохо стил, бел дрес код и торта на три ката За роденденската забава Миа избра бел фустан со реси, гол грб и кафеави каубојск...
Џамлии, жмурка: Maкедонските познати личности ги откриваат омилените игри од детството + како изглед... Лила Филиповска вели: „Во детството сакав многу плочка и игравме ластик“, а пак ...
Светлана Црнокрак наполни 49 години - блеска од среќа, дува свеќички на чоколадна торта „Среќен роденден на мојата кралица. Го заслужуваш светот. Те сакам бескрајно“, п...
Ќерката на Хелена Роза стана адвокат во Нов Зеланд: Бела перика и црна наметка за заклетвата, поддрш... Ќерката на Хелена Роза, Кјара, си го исполни сонот и стана адвокат, а поранешнат...
Ирина Камилоска во 42-ра недела од бременоста се качува на Водно: „Ако добијам болки ќе му се јавам ... „Со Јосиф имав природно породување, се надевам дека ќе биде исто и сега. Пр...
Дац и Александар денес делеа рози на улица „Македонија“: „Бидејќи за жените, секој ден треба биде 8 ... На прашањето зошто денес делат рози, а не утре на Меѓународниот ден на жената, Д...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg