На базар во училиштето „Нова“ се собраа средства за децата и младинци со оштетен вид
- Детали
- понеделник, 25 април 2016
Се работи за 10. издание на хуманитарната манифестација на која присуствуваше и американскиот амбасадор во Македонија, Џес Бејли.
Меѓународното училиште „Нова“ вчера (сабота, 23 април) организираше голем хуманитарен семеен базар, a дел од собраните 4000 евра ќе бидат наменети за Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Скопје. Манифестацијата ја посетија стотици луѓе кои имаа можност да вкусат специјалитети од различни земји, да купат книги или ракотворби, да погледнат танцови и музички точки и да се забавуваат во малечка зоолошка градина. На базарот присуствуваше и американскиот амбасадор во Македонија, Џес Бејли како и голем број претставници на дипломатскиот кор кои живеат и работат во земјава, личности од бизнис-заедницата, а дел од нив биe задолжени и за подготовка и продажба на храната од земјата каде потекнуваат.
Семејниот базарот е традиционален настан во училиштето „Нова“ и ова беше негово 10-то, јубилејно издание кое се одржа под мотото „Еднакви можности за сите деца“. Секоја година дел од собраните пари се насочуваат за различна хумана цел и досега средствата биле наменети за Заводот за ментално здравје на деца и младинци „Младост“, за Домот на доенчиња од Битола и за голем број други институции.
- Покрај забавата, дружењето и интересната програма, базарот има и хуманитарна димензија која е исклучително важна. Во нашето училиште во тек на целата година се организираат добротворни акции во кои се вклучени нашите ученици, но оваа манифестација е со најголеми размери. Дел од средствата овој пат ќе бидат наменети за Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Скопје и трите училишни дивизии со цел да се набават материјали и алатки кои најмногу им се потребни – велат од училиштето „Нова“.
Манифестацијата е организирана од Здружението на родители и наставници при меѓународното училиште, со поддршка од учениците, родителите и професорите во оваа образовна институција.