CRNOBELO анкета: Кои се жените-херои во животот на инспиративните Македонки?
Нора Шаќири
Нора Шаќири нашето познато ТВ-лице и социолог, долги години е дел од јавниот живот во земјава.
Освен што е успешна во својата професија, таа се гордее и со тоа што својот син го воспитува да биде умно и пристојно момче со вистински животни вредности.
Но, која жена одиграла најголемо влијание врз нејзиниот развој како личност, Нора ни откри во анкетата.
Која е највлијателната жена во вашиот живот и зошто?
Мојата мајка Изета! Таа е херој во секоја смисла на зборот.
Кој е тој некој посебен момент на поддршка, совет, насока од некоја жена што ви помогнале да станете тоа што сте или да надминете некој предизвик и слично?
Повторно тука би ја издвоила мојата мајка. Многу посебни моменти сум имала со неа во моиве 42 години.
Таа секогаш ми е поддршка, сериозен критичар и неверојатен ветер во грб.
Со нејзината позитивна енергија, едноставно, не ми дава ни минимум простор да сум тажна или да не можам нешто да не надминам.
Што е најхраброто нешто што го направила некоја жена што ја познавате, на којашто ѝ се восхитувате?
Жените го носат светот на раце, а секоја жена за мене е и восхит и инспирација.
Како вашата жена-херој ве инспирира и ве прави подобра личност?
Со самиот факт дека Изета е моја мајка, јас сум секој ден подобра личност.
Марија-Магдалена Петковска Микаровска
Марија-Магдалена Петковска Микаровска од Битола е професор по англиски јазик и основач на платформата „Ministry of Second hand”, каде промовира пронаоѓање нова љубов во старите парчиња облека.
Во анкетата ни откри дека нејзина сила, извор на инспирација и поткрепа не е една жена, туку три.
Која е највлијателната жена во вашиот живот и зошто?
Не е една, три се. И трите се од првиот ред жени на мојата фамилија. Силни, со несекојдневна трансформативна моќ.
Првата е мајка ми. Како стареам сфаќам дека мојата тврдокорна основа е поставена од неа, од нејзината стабилност и храброст да носи одлуки кои не секогаш ѝ биле лесни, а умешно ги правела да изгледаат лесно.
Иако сме дијаметрално спротивни во карактерот, нејзината суптилно советодавна природа ме носела да достигнувам нови врвови, а притоа да не сум на ти со егото и суетата.
Втората е баба ми, која со нејзините 94 години нема ден да не ме потсети за издржливоста на една жена.
Жена која се породила сама во штала, во време кога било срамота да кажеш дека се пораѓаш и знаела покрај сета своја неукост да си ја пресече папочната врвца со срп и да ја отстрани плацентата од себе.
За мене и за мојот мајндсет ова е движечка сила која ме враќа во оска кога имам непотребна разгаленост.
И третата е ќерка ми, која со своите 15 години е лик од кој добивам суштинска и аргументирана анализа, разум, поддршка, бестрашност и мудрост која ја има во овие стари души.
Трансгенерациското влијание е и аманет и должност кон подобрување на секоја следна генерација.
Кој е тој некој посебен момент на поддршка, совет, насока од некоја жена што ви помогнале да станете тоа што сте или да надминете некој предизвик и слично?
Мојата најдобра другарка Маја која по пат во овие 25 години ми стана и сестрата која никогаш не ја добив по природен пат е постојано во советодавна мисија.
Многу често кога сум заборавала на приоритетите или сум дозволувала да ме исплашат животните предизвици, ми била коректор, поддршка, критика, но секогаш со синхронизиран сензибилитетот на ситуацијата.
Толку добро ме познава, што секогаш знаела дали треба да е нежна или агресивна, дали треба да има избран речник или директна закана, сè да ме свести брзо пред да се направи штета.
Што е најхраброто нешто што го направила некоја жена што ја познавате, на што ѝ се восхитувате?
Хероите во моите очи се самохраните мајки. Во нив сум и јас и дел од мојот најблизок круг.
Самохраните мајки се херои затоа што ја преземаат предизвикувачката задача да воспитуваат деца и сами да управуваат со домаќинството.
Тоа е некогаш многу неблагодарно и неподносливо комплицирано. Тие балансираат повеќе улоги - „провајдер“, негувател, учител и емоционална поддршка - често додека работат долги часови за да обезбедат услови за нивните семејства.
Тие покажуваат неверојатна издржливост, сила и љубов, наспроти предизвиците и нивната емоционална состојба.
И покрај предизвиците, многу самохрани мајки успеваат да создадат стабилна и негувачка средина за своите деца, учејќи ги вредни животни лекции и моделирање на упорност, напорна работа и одлучност.
Способноста да се жонглира со сè без уште еден пар раце и сепак да се одржува позитивен став е навистина херојска.
Како вашата жена-херој ве инспирира и ве прави подобра личност?
Ќерка ми Хелена ме инспирира на секој можен начин.
Прочитајте и CRNOBELO анкета: Кои се најважните жени во животот на успешните Македонци?
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. и С. С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





