Триминутен молк за Фросина на Партизанска и ѕвездено небо – Толпа народ излезе на денешниот протест во потрага по правда
- Детали
- недела, 02 февруари 2025
Во 17 часот со триминутен молк започна протестот под паролата „Секој еден може да е следен“ – толпа народ, меѓу кои и родителите и семејството на Фросина Кулакова, со моќни транспаренти, извици „нема правда, нема мир“ се собраа на местото каде трагично го загуби животот младата дизајнерка и го започнаа маршот.
Протестот кој беше организиран под паролата „Секој еден може да е следен“, започна во 17 часот на бул. Партизански одреди кај Универзална сала, на местото каде 22-годишната дизајнерка Фросина Кулакова трагично го загуби животот на 29 јануари, откако беше удрена од автомобил управуван од лице под дејство на алкохол, без возачка дозвола, со преголема брзина.
Огромен број луѓе се собраа, меѓу кои и семејстовото на Фросина, скршено од болка за загубата, а протестот започна со триминутен молк за прерано загинатата дизајнерка.
Дел од учесниците на протестот носат црни маици со натпис „Правда за Фросина“, а со транспарентите испраќаат силна порака и бараат правда и соодветна казна, како и поголема одговорност од секој несовесен учесник во сообраќајот за поголема безбедност на секој од нас.
И покрај огромниот број на луѓе кои се излезени, сепак низ улиците владее тишина и тага, која е прекината со повремени извици „нема правда, нема мир“ и „сакаме правда“.
Толпата пристигна пред Собрание, каде повторно Фросина беше испочитувана со 3-минутен молк, како и ѕвездено небо, со надеж дека од некаде гледа како нејзиниот народ се бори за правда за прерано згаснатиот живот, кој за жал никој и ништо нема да го врати назад.
Оттаму маршот ќе продолжи кон Обвинителството и на крај пред Кривичниот суд.
Инаку, првиот протест на кој граѓаните излегоа на истото место да оддадат чест за уште еден прерано згаснат живот, се случи на 31 јануари, на денот кога беше погребана, а голем број луѓе со солзи во очи и болка во душата побараа правда.
Повеќе фотографии од протестниот марш:
М. М. | Црнобело