Биљана од Битола направи празнична медена куќичка: „Ми помогнаа ќерката и сопругот, ќе ја јадеме за Божиќ“
- Детали
- петок, 27 декември 2024
„Куќичката ја правевме едно неделно попладне, а самото 'градење' траеше околу два часа, бидејќи треба време за секој дел да се залепи убаво со матена белка, а потоа и да се украси“, вели битолчанката Биљана Котевска за CRNOBELO.com.
Битолчанката Биљана Котевска, која години наназад прави медени колачи за новогодишните и божиќни празници, пред дочекот на 2025-та, реши од истиот рецепт да направи шарена медена куќичка и да ја збогати празничната трпеза.
Правењето на слатката куќичка било семејна активност, а за CRNOBELO.com, Биљана вели дека најголемата помош ја имала од ќеркичката Софија, која со многу радост помагала во подготовката на куќичката и во нејзиното украсување.
За нејзиниот необичен празничен колач, таа ни раскажа:
„Ние дома многу ги сакаме празниците, посебно магијата околу Нова година, па се трудиме да ни е убаво, пријатно и весело.
Медената куќичка ја правам првпат, а ја нареков ‘наша’ затоа што во правењето учествувавме јас и ќеркичката, а сопругот, кој е градежен инженер, ни помагаше во однос на ‘ѕидањето’.
Куќичката ја правевме едно неделно попладне, а самото 'градење' траеше околу два часа, бидејќи е потребно многу време за секој дел да се залепи убаво со матена белка, а потоа, кога ќе се направи основата, и да се украси со бонбончињата.
За самата куќичка користев калапи што ги купив во Џамбо.
Немав професионални шприцови за торта, туку во кесичка со потсечен врв, ги стававме филовите и сè украсувавме рачно.
Внатрешноста на куќичката е празна, па може или да ја поставите само така на масата како украс или, на пример, внатре да ставите сијалички и таа да свети.
Само пуштете ја фантазијата и можете да ја направите како што ќе замислите.
Што се однесува до рецептот, јас ставив околу 400g брашно (тип 500) просеано, 1 пециво, 1 лажичка ѓумбир во прав, 1 ванилин шеќер, рендана кора од портокал. Сите овие состојки ги споив и ги тргнав на страна.
Во друг сад направив смеса од 1 јајце, 100g путер (омекнат на собна температура), 150g мед и 150g кафеав шеќер.
Во оваа смеса ја ставив сувата смеса од брашно, па откако убаво ги измешав, додадов уште 80g млеко.
Во тестото по потреба се додава брашно за тоа да биде меко, а не лепливо. Готовото тесто се остава во фрижидер 2 часа, завиткано во кеса.
Тестото потоа го расукав помеѓу 2 листа хартија за печење - важно е да се работи на хартија.
Кората треба да биде дебела 3-4mm, а потоа се сечат формите со калап.
Ако решите да ја направите куќичката, важно е да внимавате кога ќе ги преместувате сечените делови во плехот за печење, да не ги фаќате со прсти, туку да ги преместите од работната површина во плехот со помош на хартијата за печење.
Тестото потоа се пече во загреана рерна на 160°-180° целзиусови. Зависно од рерната се пече околу 10 минути.
Но мора да се внимава многу, бидејќи тестото може лесно да изгори за брзо време.
Кога ќе се испечат, се вадат и се оставаат убаво да се оладат врз хартијата за печење, за да се стврднат, а кога ќе се ладни, се филуваат.
Па така, кога деловите се оладија, почнавме да ја ‘градиме’ куќичката.
Деловите ги поврзавме со смеса од 2 белки изматени со 200g шеќер во прав, а кога се згусти смесата додадов и половина исцеден лимон.
Оваа смеса е „лепак“ и мора да се мати подолго за убаво да се згусти.
На крај се украсува со фил и шарени бонбончиња по желба.
Ние решивме куќичката да ни стои како украс до Божиќ и тогаш да ја изедеме“.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело