Драган Спасов Дац: „Ми недостига украсеното Скопје, тезгите пред Стоковна куќа и лизгалиштето на Кале“
- Детали
- недела, 08 декември 2024
„Лизгавме со 'сличуги' на замрзнатите езерца во парк, а лизгалиштето на Кале беше место каде што за првпат можеше да се фати некоја девојка за рака и да се лизга заедно неколку круга“, вели Драган Спасов Дац и ни ја враќа магијата на минатото.
фото: Инстаграм Ретро Скопје
Драган Спасов Дац секогаш знае како да ги каже и напише работите и да допре до срцата на сите.
Така беше и овој пат кога на неговиот Фејсбук профил во овој претпразничен период сподели какво било Скопје некогаш во декември и што му недостига од тој период.
Објавата на Дац:
„Како полека се троши декември, навираат сеќавања од минатото. Прво нешто што ми текнува е украсениот град и целата таа претпразнична атмосфера.
Потоа, тезгите пред Стоковна куќа кои продолжуваа до крајот на тогашната „Маршал Тито“. Тезгите беа преполни со разгледници кои се купуваа во точно одреден број, за потоа напишани да се уфрлат во жолтите сандачиња на „ПТТ“.
Имаше и разни украси за елки, балони во форма на зајак кои никогаш не успевав да ги надувам и стално зајкото имаше мали уши, капи од хамер, петарди, жижици …
Имаше и снегови кои траеа долго и не се топеа од лутите зими.
Лизгавме со „сличуги“ на замрзнатите езерца во парк, а лизгалиштето на Кале беше место каде што за првпат можеше да се фати некоја девојка за рака и да се лизга заедно неколку круга.
Ги помнам и маглите во кои буквално можеше човек да се загуби.
Ги помнам славите кај бабите и дедовците и веднаш ми текнува на песната од Балашевиќ: „Ал се некогаш добро јело“.
Преполни трпези и гости кои се менуваат како на лента, мирисот од храната помешан со машките лосиони после бричење и женските парфеми кои мирисаа на б’лгарска роза, прекрасните домашни слатки, кои ги правеа вештите раце на баба ми, подизвадените штикли на жените за да ги одморат потечените нозе, многу шеги и смеење, песни и пеење, љубов која се чувствува помеѓу сите присутни.
Разговори за принова, веридби, свадби и крштевки, разговори, разговори…
Гостите седат, а дедо ми стои со чашка во рацете и наздравува. Баба ми принесува и е главен промотор на забавата со нејзиниот вонсериски хумор, кажувајќи им ги рецептите од трпезата на новопечените невести.
„ …После ќе ставиш и пет, со опроштење јајца“.
Тука новопечените невести се вцрвенуваа во образите, а останатите прснуваа во смеа.
Убави се спомените, особено ако се убави.
Е, ова сакам да им го пренесам на моите поколенија, сакам да ја пренесам љубовта која ја имам јас почувствувано, љубовта која ја чувствувам за нив и среќата која се гледа на нашите лица секогаш кога ќе се видиме. И тоа да трае бескрајно.
Нека е среќна и убава 2025 година, како на пример… 1978-ма.
Наздравје!“
Скопје некогаш:
Погледнете ретро видео од Скопје како се славела далечната 1967 година:
С. С. | Црнобело