Драган Спасов Дац на ‘Мажи на годината 2024’: „Да си маж на годината во сопствениот дом, на својата жена, е најголема награда“
- Детали
- вторник, 26 ноември 2024
„Има една категорија на којашто посебно ќе ѝ дадам значење, а тоа е маж на годината во сопствениот дом, на сопствената жена. Весна ако е така дигни рака (и неговата сопруга го поздрави потегот од публика)“, изјави Драган Спасов Дац во Националната опера и балет.
Вчеравечер (25.11) традиционално, 7-ми пат по ред, се одржа манифестацијата „Мажи на годината“, а за првпат настанот беше во Националната опера и балет.
Гала вечер исполнета со елеганција, признанија и размена на мислења кои мажи ја одбележија 2024.
Беа наградени мажите кои придонеле на каков било начин за подобрување на нашето општество, па на сцената видовме менаџери, некогашни дипломати, пејачи итн.
Главната награда маж на годината, како и награда за маж на годината според организаторите „Gentleman Magazine” и „Friday Communications” ја доби директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов.
Награда според социјалните мрежи за маж на годината доби комичарот Љупчо Крстевски, кој имаше видео обраќање во кое се заблагодари и кој оправдано не се појави на настанот затоа што токму вчера станал татко.
Љупчо oткри дека добил ќеркичка и се пошегува дека догодина ќе ја земе наградата татко на годината.
13 мажи во 13 категории беа наградени како мажи на годината, а награда за посебен придонес во културата добија Драган Спасов Дац и Александар Митевски.
Дац на сцената изјави:
„Ласкаво е да бидеш маж на годината. Маж на годината – ќе ги „утепам од зафркавање“ оние по кафеани кога ќе одам.
Јас сум маж на годината, ејјј...
Сите овие категории се фантастични и на сите им честитам, но има една категорија на којашто посебно ќе ѝ дадам значење, а тоа е маж на годината во сопствениот дом, на сопствената жена.
Весна ако е така дигни рака само (и неговата сопруга го поздрави потегот од публика). Ви благодарам на сите“.
Потоа, се обрати и Александар Митевски:
„Благодарам и јас за ова признание, благодарност до организаторите и оние што номинираат.
Би сакал само кратко да ги поздравиме нашите сопруги, семејствата и женската публика на која ѝ ја посветивме цела оваа година, но и сите години наназад и сите песни што ги правиме“.
Дац со сопругата Весна
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С. | Црнобело
фото: Јордан Серафимов