Мајчинство е кога копнееш децата да станат независни, а во себе стравуваш дека нема да им требаш
- Детали
- четврток, 28 ноември 2024
Што е мајчинство? Ниту една мајка себеси не се смета за совршена, а сите ние имаме мигови кога сме помислиле дека нештата би можеле да ги направиме поинаку. Мајчинството е полно со парадокси и несовршености, а во овие неколку работи може да се најдеме сите ние...
Мајчинство е...
Со нетрпение да чекаш децата да си легнат, а наместо да гледаш серија или филм, да зјапаш во нив додека спијат, да им ја милуваш косата и да бидеш подготвена да влезеш во борба со секој што ќе им го наруши сонот...
Со соседот кој не внимава и ја треска вратата.
Зарем не помислува дека деца спијат?
Со сосетката тинејџерка која прави забава за роденден...
Кај најде сега да слави роденден?
Со сопругот кој малку погласно го пуштил телевизорот...
Зарем и ти ми го правиш тоа?
Мајчинство е и кога за секоја непријатност или проблем да си мислиш „и ова ќе пројде“, а посакуваш времето да застане.
Првите запчиња, првите чекори, првата симпатија...
Ги гледаш како растат и ја поминуваат секоја препрека, а со тоа како постојано да се скратува времето што ви преостанува заедно...
Почнуваш да копнееш да можеш да украдеш колку е можно повеќе мигови од невините детски прегратки, затоа што знаеш дека набрзо ќе дојде време кога веќе нема толку многу да им требаш...
Мајчинство е и да копнееш да ја најдеш слободата и да излезеш со пријателките,
Па потоа на секои 15 минути да проверуваш да не ти испратиле некоја нова информација за децата и да се грижиш...
Дали јаделе? Дали си легнале навреме? Дали ги измиле рацете, забите, дали ја напишале домашната?
Мајчинство е и да бидеш строга и да им се развикаш на децата затоа што згрешиле, а потоа да ти се кине срцето и да се преиспрашуваш дали си претерала...
Да се обидуваш да им дадеш слобода сами да научат од сопствените грешки, а потоа душата да те боли додека ги гледаш како се борат со сопствениот неуспех.
Мајчинство е кога копнееш децата да пораснат и да станат независни, а потајно да се плашиш дека ќе дојде ден кога веќе нема да им бидеш потребна.
Да, мајчинството е несовршено, исполнето со парадокси и спротивности.
Но, истовремено е најубавото чувство на светот!
Мајчинството трае цел живот, и кога децата еден ден ќе си заминат и ќе нѐ напуштат, па затоа, ние мајките секогаш ќе копнееме времето да може да застане и да можеме да останеме заглавени во тој еден миг.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело