Нашиот Стефан во чест на Тоше вози велосипед од Крушево до Нова Градишка: „Имам болки во коленото, но не се откажувам“
- Детали
- вторник, 15 октомври 2024
„Тоше беше посебен човек, со чисто срце, со подеднаква љубов за сите. Со божја помош, знам дека ќе успеам и покрај болките во коленото“, вели за CRNOBELO.com, Стефан Житошански, кој со велосипед тргна на пат долг 900km.
Стефан Житошански (28) од Прилеп, пред пет дена тргна со својот велосипед на пат од Крушево кон Нова Градишка, местото каде на 16.10.2007 година загина нашиот Тоше Проески.
Со многу позитивна енергија, и на сонце и на дожд, Стефан e решен да помине 900km во чест на прерано загинатиот Тоше, пејачот кого никогаш не го запознал, но чија музика ја обожава.
Тој денеска ќе пристигне во Нова Градишка, а утре изутрина, на годишнината од смртта на Тоше, ќе го посети местото каде што се случи страшната трагична несреќа.
На околу 100km до целта, на една од своите паузи, за CRNOBELO.com Стефан раскажа неколку детали за своето патешествие:
„Ова е првпат да тргнам на вакво патување со велосипед. Од Крушево за Нова Градишка појдов на 10 октомври, а ќе стигнам денес - за целото патување ми се потребни 5 дена.
Патувањето го поделив на 6 етапи, со план да возам во просек околу 150km на ден и досега имам поминато околу 770km, а возам низ Хрватска.
Тоше не сум го запознал лично, но мојот другар, кој е со мене како логистика, се знаеше со него.
Сметам дека тој беше посебен човек, со чисто срце, со подеднаква љубов за сите, голем верник, и дека е некој кој направи многу за Македонија.
За самиот подвиг се подготвував два месеца, во кои извозeв само 150km и го повредив коленото.
По патот од Македонија кон Хрватска поминував добро, сè до денес, кога се разбудив со болки во коленото, но одам напред, имам уште само малку до целта и нема да се откажам.
Со божја помош и со помош од Тоше кој се гордее со мене, знам дека ќе успеам“.
Погледнете видеа од патешествието на Стефан:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело