Проф. д-р Јанкулоски: „ФВМ постојано ги следи светските трендови, а новите студенти пројавуваат најголем интерес за грижа за домашни миленици“
- Детали
- четврток, 18 јули 2024
Факултетот за ветеринарна медицина - Скопје постојано ги следи светските трендови и ги применува најновите методи за грижа за животните, а поседува и модерна опрема за дијагностика и лекување, со што нашите студенти добиваат можност да се стекнат со врвно знаење од оваа област, истакна деканот на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје (ФВМ), проф. д-р Деан Јанкулоски.
Деканот во интервјуто зборуваше за тајните на успехот на Факултетот, предизвиците со кои се соочуваат, можностите кои ги нудат, како и за нивните амбициозни цели за во иднина.
Тој потенцираше дека во време кога младите се повеќе ги напуштаат руралните средини и се насочуваат кон поголемите градови, ветеринарната медицина останува една од најважните професии за одржување на здравјето и благосостојбата на животните.
Што им нуди Факултетот за ветеринарна медицина на своите студенти?
Проф. д-р Јанкулоски: Факултет за ветеринарна медицина постојано се стреми да обезбеди највисок квалитет на образование за нашите студенти. Студиските програми се дизајнирани да ги опфатат сите релевантни аспекти на ветеринарната медицина, почнувајќи од грижата за здравјето на животните, благосостојбата се до безбедност на храната.
Структурата на студиската програма овозможува да преку теоретската и практичната настава уште од самиот почеток студентите се запознаат со базичните и предклинички предмети кои се појдовна точка за стекнување на основните предзнаења од делот на ветеринарната медицина, за подоцна преку клинички предмети своите знаења и вештини ги применуваат во практиката, преку нашите модерно опремени лаборатории и Универзитетската ветеринарна болница.
Основна цел на ФВМ-С е да ги исполни стандардите на ветеринарната професија во Европа, преку развивање на иновативни и мултидисциплинарни едукативни програми, но не само во областа на ветеринарната медицина и здравјето на животните, туку и нивната благосостојба, јавното здравје и безбедноста на храната.
Покрај редовните додипломски интегрираните студии од прв и втор циклус, Факултетот за ветеринарна медицина има акредитирани студиски програми од втор циклус – стручни специјалистички студии по Безбедност и квалитет на храна, како и трет циклус, докторски студии по Ветеринарна медицина и Безбедност на храна, на кои можат директно да продолжат сите студенти кои имаат завршено додипломски интегриран студиум.
Каков е интересот за студирање на ветеринарната медицина во последниве години?
Проф. д-р Јанкулоски: Во последниве години, за жал, забележуваме намалување на интересот за студирање ветеринарна медицина, но морам да напоменам дека ова не е случај само кај нас, туку и во најблиските земји од регионот. Овој тренд е резултат на повеќе фактори, меѓу кои е и општиот тренд на намалување на популацијата во државата.
Сепак, ветеринарната професија е уникатна и бара посебна љубов и посветеност кон животните. Таа нуди можности за работа во различни области, почнувајќи од грижата за домашни миленици, фармските животни се до безбедност на храната, благосостојбата на животните, научно-истражувачките центри, фармацевтската индустрија, како и во органите на државната управа, ветеринарната инспекција и образованието.
Покрај студиската програма по Ветеринарна медицина на македонски јазик, Факултетот за ветеринарна медицина, од 2020 година ја воведе студиската програма Ветеринарна медицина на англиски јазик, достапна за странските студенти, со што го прошируваме опсегот на потенцијални студенти и ги правиме нашите студии поатрактивни.
Кои се стратегиите за привлекување на нови студенти?
Проф. д-р Јанкулоски: Една од нашите главни стратегии е постојаното ажурирање и модернизирање на студиските програми. Воведуваме нови предмети кои ги следат најновите трендови и технологии во ветеринарната медицина, како што е дигитализацијата и примена на современи методи за дијагностика и третман на животните.
Нашите студенти имаат можност да работат со најмодерна дијагностичка опрема, што им овозможува да ги стекнат практични вештини и потребните компетенции согласно директивите на ЕУ, кои се многу ценети на пазарот на трудот. Дополнително, државата ни помага со различни проекти и иницијативи, како стипендирање на најдобрите студентите и обезбедување на современа опрема.
Овие проекти не само што го подобруваат квалитетот на образованието, туку и ги мотивираат студентите да се запишат на Факултетот за ветеринарна медицина.
Како ги подготвувате студентите за практичната работа?
Проф. д-р Јанкулоски: Практичната работа е клучен дел од нашата студиска програма. Нашите студенти имаат можност да работат во Универзитетската ветеринарна болница, која е единствена од ваков тип во државата и е опремена со најмодерна дијагностичка опрема.
Со цел континуирано подобрување на квалитетот на наставно-образовниот процес, Факултетот за ветеринарна медицина изминативе години ја воспостави и т.н Лабораторија за клинички вештини, која претставува посебна форма на модерна училница каде студентите можат да вежбаат и да ги подобрат своите знаења и вештини преку работа на анимални модели, пред да започнат истите да ги практикуваат во секојдневната клиничка пракса.
Наставата се изведува исклучиво под надзор на предметните наставници и асистени, како и демонстратори кои години наназад се активно вклучени како помошници во наставно-образовниот процес, и тоа од редот на најдобрите студенти.
Покрај тоа, студентите имаат пристап до нашите акредитирани лаборатории, каде што можат да учествуваат во различни истражувачки проекти и да стекнат вештини кои ќе им бидат од голема корист во нивната понатамошна кариера. Оваа комбинација на теоретско знаење и практично искуство е она што ги прави нашите дипломци конкурентни на пазарот на трудот.
Кои се идните планови на Факултетот?
Проф. д-р Јанкулоски: Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје, како една од најмладите единици на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, постојано се залага за развој и имплементација на европските стандарди, стремејќи се да биде меѓународно признаена образовна институција, акредитирана од телото за акредитација на ЕАЕВЕ (Европска асоцијација на ветеринарни високообразовни установи).
Еден од нашите главни проекти е изградба на клиника за големи животни во општина Петровец, која ќе ни овозможи да ги обучуваме студентите за третман и дијагностика првенствено на фармските животни, како и коњите. Оваа клиника ќе биде еден вид надополнување на нашата Универзитетска ветеринарна болница и ќе ни помогне да ги покриеме сите аспекти на ветеринарната медицина.
Преку научно-истражувачки проекти и размена на студенти, продолжуваме да ги унапредуваме знаењата и вештините на нашите студенти, подготвувајќи ги за сите предизвици кои ги очекуваат во нивната кариера.
Како Факултетот придонесува во научно-истражувачката работа?
Проф. д-р Јанкулоски: Научно-истражувачката работа е основен дел од нашата мисија. Факултетот неколку години наназад, организира годишни повици за научно-истражувачки проекти финансирани од самиот Факултет, во кои активно учество земаат и студентите. Резултатите од овие истражувања се објавуваат во реномирани научни списанија и се презентираат на меѓународни научни конференции.
Оваа година, по десетти пат, го организираме Меѓународниот научен конгрес „Денови на ветеринарна медицина“ каде нашите студенти ги презентираат своите трудови и истражувања кои ги работат под менторство на предметните наставници. Дополнително, преку програмите за мобилност како Erasmus Plus и Ceepus, нашите студенти имаат можност да ги посетуваат другите факултети за ветеринарна медицина не само во регионот, туку и пошироко, и воедно да учествуваат во летните школи, стекнувајќи нови знаења и искуства кои ќе им помогнат во нивната понатамошна кариера.
Колку се важни лабораториите за вашиот Факултет?
Проф. д-р Јанкулоски: Акредитираните лаборатории на ФВМС се темелот на нашата истражувачка и практична работа. Тие се опремени со најсовремена опрема и нудат широк спектар на услуги за испитување на храната, дијагностика на болести и здравствена заштита на животните. Факултетот, постојано работи на унапредување на лабораториските капацитети, со цел да ги едуцира идните ветеринари и да го заштити здравјето на животните и луѓето.
Оваа инвестиција во современа технологија и опрема ни овозможува да бидеме лидери во ветеринарната едукација и истражувања во регионот.
Претстојат уписи за факултет. Што ќе им порачате на младите кои размислуваат да ја одберат оваа професија?
Проф. д-р Јанкулоски: Повторно ќе кажам, за да се работи оваа професија потребно е да имате огромна љубов и посветеност првенствено кон животните и токму затоа на сите млади лица кои поседуваат такво чувство им порачувам без двоумење да ја одберат оваа професија и да станат дел од Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје, каде што ќе ги стекнат потребните знаења и вештини, потребни за во иднина.
Ова е благородна и воедно регулирана професија, што е многу значајна за целото општество и постои една поговорка – „доколку го работите она што го сакате, нема да работите ниту еден ден“, затоа ги повикувам сите кои имаат желба да се грижат за животните да дојдат и да студираат кај нас.
Бидејќи сме целосно посветени на нашата професија, за нас од исклучителна важност е на студентите да им овозможиме образование согласно светските стандарди, за тие во иднина бидат наши колеги кои со задоволство ќе ја работат својата работа, ќе бидат подготвени да ги надминат сите предизвици со кои ќе се соочуваат и постојано ќе даваат свој придонес за општеството.