Легенди за настанувањето на манастирот Свети Наум – Имале натпревар со Свети Климент, муслимани ја изградиле камбаната
Свети Наум е жив
До ден-денешен се верува дека моштите на Свети Наум во манастирот имаат исцелителна моќ, а голем број верници одат таму и ја навалуваат главата за да го слушнат срцето кое сè уште отчукува на неговиот гроб.
Преданијата дека свети Наум е жив со векови се пренесувале од колено на колено, па таква е и приказната за облогот меѓу игуменот на манастирот и бегот од Поградец.
Според преданијата, игуменот му рекол на Бегот дека свети Наум е жив, а тој велел дека тоа не е точно и на крај решиле да се обложат.
Игуменот му рекол на бегот:
„Да ја ставиме чашава полна со вино долу во езеро. Ако се истури, свети Наум не постои, па затоа ќе ти го дадам манастирот и полето. Ако не се истури, ти ќе ми го дадеш твојот имот!“
Кога игуменот ја пуштил чашата во езеро, таа не се истурила.
Тогаш бегот се уплашил и поверувал дека свети Наум постои. Целиот имот го подарил на манастирот и секоја година на празникот одел да му се поклони на светецот.
Но, приказната не завршила тука. Игуменот иако бил победник, сепак добил укор од светецот во сон.
Според преданијата, Свети Наум му се јавил во сон на игуменот и му рекол:
„Немој уште еднаш да се обложуваш на манастирот, затоа што јас не сум тука постојано. Кога ти се обложи и ако јас не бев тука, чашата ќе се истуреше и ти ќе ме потурчеше!“
Оттогаш се знаело и сите верувале дека: „свети Наум е жив!“
Легендата за изградбата на камбаната во манастирот
Според легендите, камбаната во манастирот Свети Наум е изградена од двајца муслимани кои боледувале од неизлечлива болест.
По нечиј совет тие отишле во манастирот, легнале на гробот на Свети Наум и по неколку дена сосема оздравеле.
Во знак на благодарност двајцата муслимани на манастирот му подариле камбана.
Б. С. Б. | Црнобело / фото: depositphotos.com