Легенди за настанувањето на манастирот Свети Наум – Имале натпревар со Свети Климент, муслимани ја изградиле камбаната
- Детали
- среда, 03 јули 2024
Култот кон свети Наум Охридски се негува со векови, а неговиот манастир и до ден-денес е омилено место за посета како за туристите, така и за верниците кои легнуваат на неговиот гроб и се молат за здравје. Свети Наум бил лекувалиште за сите, а посебно за оние што страдаат од душевни болести.
На 03.07 православните христијани го слават празникот Свети Наум Охридски – Чудотворец. Ден посветен на исцелителот и просветителот, кој бил ученик на Светите Кирил и Методиј, а набрзо по својата смрт во 910-та година бил прогласен за светец.
Неговиот ден особено се одбележува во охридскиот и преспанскиот крај, а именден слават сите оние што ги носат имињата Наум, Науме, Наумче, Наумка…
Ако свети Климент бил запаметен по просветителската дејност, со подучувањето на народот на пишување и читање и други корисни работи, свети Наум е запаметен со моќта да лекува и за време на животот и смртта.
Се верува дека тој ги лекувал сите, без разлика на верата и народноста, а неговиот манастир бил најпознат како лекувалиште за лекување болни од многу болести, посебно од душевни болести.
Како бил изграден манастирот?
Пред да го изгради манастирот Свети Наум, светецот прво го подигнал манастирот Заум.
Се верува дека манастирот Свети Наум бил изграден од страна на охридскиот цар кон крајот на IX и почетокот на X век, во знак на благодарност кон свети Наум.
Како што зборуваат легендите, царот имал само една ќерка, која била многу болна и ветувал голема награда за оној што ќе успее да ја излекува.
Многу луѓе се обиделе, но никој не успеал да ја излекува. Најпосле се обидел и свети Наум.
Царската ќерка, благодарение на свети Наум, почнала полека да заздравува, а потоа и целосно оздравела.
Царот го прашал свети Наум што сака како награда, а светецот од него побарал да му се изгради манастир на јужниот брег на Охридското Езеро, на височинката крај изворите на Црн Дрим (кој би бил многу полесно пристапен од манастирот Заум).
Царот се согласил и за брзо време го изградил прекрасниот манастир, кој со векови опстојува таму.
Натпревар во изградбата
Легендата за изградбата на манастирите на Свети Климент и Свети Наум истовремено е и приказна која ја објаснува судбината на двете градби.
Според преданијата и легендите, манастирот на свети Наум и на свети Климент се граделе истовремено, а двајцата светци на спротивните страни од езерото ја проповедале христовата наука.
Ѕидарите кои ги граделе двете цркви, од едниот до другиот рид на езерото оптегнале едно јаже, со помош на кое си ги подавале потребните алати.
За да се види која црква ќе биде побрзо готова, ѕидарите се договориле кога ќе се затресе јажето на двете страни да се прекине работата за да се види до каде е изградбата на двете цркви.
Црквата на Свети Климент била при крај, требало само уште кубето да се направи, но на јажето паднале црни чавки и кога тоа се затресло, ѕидарите престанале да работат затоа што мислеле дека тоа е знак за престанување со работа.
Според преданијата, токму заради ова на Турците им било многу лесно да го потурчат манастирот на Свети Климент, затоа што требало да додадат само минаре, а кубе немало.
Црква Свети Климент и Пантелејмон - изградена и осветена во 2002-ра година, откако била урната од Отоманските Турци во XV век
А кај Свети Наум, ѕидарите продолжиле да работат и чекале да им се даде знак, но знакот го немало.
Утредента на јажето паднале бели гулаби и јажето се затресло, но Свети Наум бил готов уште претходниот ден.
Манастирот Свети Наум