„Најтешко ми е кога треба да се снаоѓам за спиење“ – Македонецот Дамјан пешачи до манастирот Острог за хуманитарна цел
- Детали
- четврток, 06 јуни 2024
„Оваа моја мисија е благородна и хуманитарна. Првиот ден имав воспаление на мускулите, но мојата намера е посилна од болката“, вели за CRNOBELO.com Дамјан Марковски кој оди пеш од Скопје до манастирот Острог со цел да собере пари за мерачи на срцевиот ритам за млади спортисти, а веќе е во Црна Гора.
Македонецот Дамјан Марковски оди пеш од Скопје до манастирот Острог во Црна Гора со добротворна цел.
Со овој подвиг, тој ги инспирира луѓето да донираат пари за набавка на мерачи за срцевиот ритам за млади спортисти, а за да стигне до манастирот, треба да изоди 400 километри.
Тој пешачи скоро десет дена, од 28-ми мај, и веќе е во Црна Гора, па наскоро би требало да ја стигне целта.
Во изјава за CRNOBELO.com, Дамјан, кој е фудбалер, вели дека неговата цел не е само хуманитарна, туку и благородна.
„Јас оваа моја мисија би ја нарекол благородна, а потоа и хуманитарна, затоа што како мотив за ова најпрво ми е благодарноста кон манастирот, а потоа и хуманоста.
Целиот живот го имам посветено на спортот и од таа гледна точка решив овој подвиг да биде проследен со донации кои ќе бидат искористени за набавка на Polar мерачи за срцевиот ритам“.
https://www.instagram.com/p/CNa3RKXnv8y/?img_index=1
Дамјан вели дека се подготвил релативно брзо за храбриот подвиг. Тој открива и дека на патувањето не е потполно сам.
„Не ми требаше многу време за подготовка. Одвоив неколку денови заедно со Фондацијата Марко Божиновски која многу ми помогна во реализирање на оваа моја замисла и бескрајно сум им благодарен за тоа.
Во тие подготовки повеќе ја спремав рутата по која ќе пешачам, отколку физички да се подготвувам“.
„Голема благодарност би сакал да изразам до нашиот велосипедист Кирил Марк, кој првите три дена беше постојано покрај мене и ме пратеше со велосипед.
На патувањето не сум сам, секако. Имам членови од семејството кои ме следат со возило на кои исто така сум им благодарен“.
Секако, неговото патување не е без предизвици.
„Нормално дека имав тешкотии. Првиот ден имав воспаление на мускулите, замор и слично, но не ме вознемири бидејќи сето тоа е очекувано и секоја болка во мускулите не може да е појака од мојата намера.
Најтешки ми се последните километри во денот, кога мора да се снаоѓам за спиење. Има места како што се селата во Косово каде што нема хотели и мора да одам до најблискиот град за да преноќам“.
На својот Инстаграм профил, Дамјан редовно известува до каде стигнал и, како што спомнавме, веќе е во Црна Гора.
Прочитајте и: Македонецот Дамјан тргна пеш од Скопје до манастирот Острог – ќе изоди 400 km за да собере пари за добротворна цел
https://www.instagram.com/p/C7ZModkMJU8/
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Спирова С. | Црнобело