Македонецот Дамјан тргна пеш од Скопје до манастирот Острог – ќе изоди 400 km за да собере пари за добротворна цел
- Детали
- четврток, 30 мај 2024
Македонецот Дамјан Марковски тргна пеш од Скопје до манастирот Острог во Црна Гора, со цел да собере пари за набавка на мерачи на срцевиот ритам за млади спортисти. Тoj е веќе на пат, и до крајната цел треба да изоди 400 километри.
Слично како српскиот пејач Никола Роквиќ, кој изоде од Србија од Грција за да собере пари за добротворна цел, Македонецот Дамјан Марковски одлучи да пешачи од Скопје до манастирот Острог.
Веста за храбриот подвиг е споделена на Фејсбук страната на фондацијата Марко Божиновски.
Имено, целта на Дамјан е да се соберат пари за набавка на мерачи на срцевиот систем кои можат да обезбедат предупредувања за потенцијални срцеви проблеми кај младите спортисти.
Дамјан тргна од Скопје на 28-ми мај, а до Острог ќе треба да изоди 400 километри.
„400-километарски предизвик на Дамјан во знак на благодарност кон Св. Василие Острошки и подигнување на свеста за подобрување на медицинската грижа за спортистите во Македонија!
Запознајте се со Дамјан Марковски, спортист кој целата своја младост ја има посветено на фудбалските терени, а сега пред него е подвиг за кој ретко кој би се охрабрил да го исполни!
Дамјан, кој во моментов има зад себе 32 километри, утринава во 6 часот од центарот на Скопје тргна пеш кон манастирот во Острог, оддалечен околу 400 километри!
Имено, со ова пешачење Дамјан на свој начин изразува благодарност кон Св. Василие Острошки, манастир кој имал значаен придонес во оздравувањето на член на неговото семејство.
Покрај тоа, оваа иницијатива ја користи и за подигање на свеста за интензивирање на медицинската грижа особено кај младите спортисти!
Па така, тој ги повика сите да донираат симболичен износ на линкот додека не бидат објавени телефонските броеви за донација, а средствата собрани од оваа инцијатива ќе бидат искористени за набавка на Polar мерачи на срцевиот ритам.
Овие уреди можат да откријат неправилности во срцевиот ритам и да обезбедат рани предупредувања за потенцијални срцеви проблеми.
Со редовно следење на срцевото здравје на младите спортисти, веруваме дека можеме да спречиме трагедии како онаа која ги однесе животите на Марко и Андреј.
Ти благодариме за оваа прекрасна инцијатива Дамјан! Нашите мисли се со тебе и ти посакуваме среќа и лесен пат до крајната цел!
Знаеме дека ова нема да биде лесно, но не заборавај дека сите членови и поддржувачи на фондацијата се со тебе!“ – стои во објавата на Фејсбук од 28-ми мај.
Дамјан ја сподели целта за својот подвиг и на неговиот Инстаграм профил.
https://www.instagram.com/p/C7ZModkMJU8/
Спирова С. | Црнобело