Ламбе Алабаковски за татковството: „Сакам и ќерка по двата сина“
- Детали
- петок, 07 јуни 2024
„Самото породување за мене беше еден голем, возвишен чин, со измешани емоции, радост, неизвесност. Во еден дел од болницата каде што се породуваше Магдалена имаше крст и икона и се сеќавам дека одев таму и се молев да биде сè во ред со двајцата, затоа што имаше мали проблеми при раѓањето“, ни раскажа Ламбе за раѓањето на помалиот син.
Пејачот Ламбе Алабаковски има два сина - Михаил и Димитриј. Едниот е роден во Македонија, другиот во САД, а Ламбе бил во родилната сала на двете породувања.
Но, вели, сега би сакал да има и ќерка, особено откако гледа како неговата сопруга Магдалена и сестра ѝ се грижат за нивниот татко.
За синовите, нивното растење и предизвиците, Ламбе ни раскажа во разговорот за CRNOBELO.com:
Се сеќаваш ли на моментот кога првпат ги виде синовите? Какво беше чувството кога ги зеде во рака?
Постариот син Михаил е роден на мојот роденден и тоа во приватна болница во Битола, но растен е во Америка. Сметам дека поголем подарок човек не може да добие за роденден.
Откога се роди тој, јас веќе не славам роденден за себе, туку само за него. А и поубаво е така, зашто целото внимание му е посветено нему.
Помалиот син Димитриј, пак, се роди на почетокот на пандемијата, во април 2020 година, во Краун Поинт во Америка.
Во тоа време целиот свет беше во шок. Па кога Магдалена доби породилни болки, поради короната, изборот беше или да влезам со неа во болницата и да не излегувам додека се таму таа и бебето, или воопшто да не влезам и да чекам дома, па да дојдам по нив кога ќе ги пуштат.
Јас решив да влезам, да бидам со неа додека се породува, исто како што бев и првиот пат во салата кога се роди Михаил.
Самото породување за мене беше еден голем, возвишен чин, но истовремено беше и стресен момент.
Знам дека е пострашно за мајката и како ѝ било на неа ќе мора неа да ја прашате, но јас тврдам дека и за таткото тоа е голем стрес - измешани емоции, радост, неизвесност.
Болницата каде што се породуваше сопругата е приватна и јас бев три дена со неа таму. Во еден дел од болницата имаше крст, икона и се сеќавам дека одев таму и се молев да биде сè во ред со двајцата.
На крај сè се заврши добро, иако бебето имаше мали проблеми при раѓањето. Но, за среќа, Димитриј е сега одличен со здравјето.
Кога синовите беа бебиња колку ѝ помагаше на Mагдалена во обврските околу нив?
Помагав, да, правев апсолутно сè. Колку што знае Магдалена, толку знам и јас околу обврските со децата.
И мило ми е што е така, дури и ми е чест што го правев тоа. Децата се дел од мене.
Јас не сум од оние типови што велат дека грижата за децата е „женска работа“. Мислам дека е глупост дека само мајката да треба да се грижи околу децата и да трча за сè.
Дали им пееше детски песнички да ги заспиеш или некои од твоите?
Мои песни не сум им пеел никогаш, не знам зошто... Но, детски песнички да, многу.