Христијанските верници го празнуваат празникот „Прочка“ – Што е амкање?
- Детали
- недела, 17 март 2024
Еден ден пред започнувањето на големите велигденски пости, православните христијани го слават празникот Прочка, познат и како Велики Поклади.
Со оглед на тоа што станува збор за последен ден пред почетокот на постите, Прочка вообичаено се празнува со големи трпези и семејни собири, а секој член од семејството бара прошка од саканите и од блиските.
Празникот Прочка е подвижен празник, кој ја менува датата, во зависност од тоа на кој датум ќе биде Велигден и секогаш е 7 недели пред најголемиот христијански празник, а идеологијата е дека овој празник треба да го следи примерот на Исус Христос кој проповедал безусловно проштевање меѓу луѓето.
Правилото е дека секогаш помалиот член во семејството треба да побара прошка од постариот, а првиот што ќе го направи тоа, треба да донесе некаков подарок, најчесто портокал...
Што е амкање?
Претходната недела пред Прочка се нарекува и сиропусна недела, односно период кога не се јаде месо, туку само млечни производи и сукани пити, па заради ова големиот празник традиционално се одбележувал со богат ручек, кој завршувал со традиционалното амкање јајца.
Амкањето претставува обичај во кој едно варено нелупено јајце се врзува на конец и се обесувало на стапче или на сукало.
Децата во семејството седнувале на колена, а највозрасниот член во семејството требало да го ниша јајцето и да го доближува до устата до секое дете, кое викало: „ам, ам... и се обидувало со устата да го фати јајцето“
По ова јајцето се крши, се вади жолчката и во секоја половина од белката се става малку вода и сите учесници во амкањето требало да се напијат по некоја капка од водата.
Традиционално, по завршениот обичај, конецот се палел за да се види каква ќе биде годината за семејството. Ако конецот гори силно – тоа значи дека годината ќе биде здрава и среќна.
На крајот децата си барале прошка едно од друго, а потоа барале прошка од родителите.
Денот по прочка се нарекува и чист понеделник, односно денот кога започнуваат велигденските пости и со него се означува крајот на зимските и почетокот на пролетните празници.
Како се празнува празникот низ градовите во Македонија?
Амкањето како традиција е обичај што е застапен во голем број македонски градови, а покрај тоа, секое место си има и своја традиција за празникот.
Во Струмица традиционално за празникот Прочка се организира големиот струмички карневал, а и во повеќе други градови низ Македонија, за овој празник луѓето се маскирале и организирале карневали.
Фото: Wikipedia
Во некои градови за празникот Прочка се палат големи обредни огнови, најчесто од смреки со цел да се избркаат злите духови од претходната година.
Б. С. Б. | Црнобело / фото: depositphotos.com