Свети Трифун – Денес го славиме заштитникот на виното и на лозарите
- Детали
- среда, 14 февруари 2024
На денешен ден лозарите излегуваат во лозјата и вршат обредно закројување на лозовите прачки и полевање со вино, со цел годината да биде плодна и лозјето добро да роди.
Свети Трифун е еден од поголемите православни христијански празници коишто се слават кај нас, а денот се врзува со обредното закројување на лозјата. Традиционално, секоја година се слави на 14-ти февруари и за некои ова е последниот од зимските, а за други - прв од пролетните празници.
Во некои краишта на Македонија, како што се Охрид и Прилеп, празникот е познат и како свети Трипун (или Триун) – пијаница, затоа што се смета дека светецот е заштитник на меанџискиот еснаф, но и на лозарите и градинарите.
На денешен ден лозарите излегуваат во лозјата и вршат обредно закројување на лозовите прачки и полевање со вино, со цел годината да биде плодна и лозјето добро да роди.
Исто така, се верува дека тој ги штити лозјата и градините од разни штети и несреќи (болести, инсекти, градоносни облаци и слично).
Овој празник особено се празнува во кавадаречкиот регион, каде лозарството е најзастапено, а светецот го почитуваат речиси во сите градови од Македонија. Во чест на овој светец била подигната и црква во скопско Говрлево, која датира од 17-ти век.
Освен обредното полевање и закројување на лозјето, постојат повеќе народни верувања поврзани со временските услови. Така, според некои верувања ако на Свети Трифун врне дожд или снег тоа значи дека годината ќе биде плодна и ќе има добар род, а ако е сончево и ведро, тоа значи дека ќе има суша.
Според некои народни преданија, ова е ден кога се сретнуваат зимата и пролетта и кога мечките накратко се будат од пештерите за да видат дали доаѓаат поубави денови, и ако увидат дека зимата ќе потрае, се враќаат во зимскиот сон.
На денешен ден, освен обредните закројувања на лозјата и честењето со ракија и вино, традиционално слават именден и оние што ги носат имињата Трифун, Трајан, Трајанка, Трајче...
Б. С. Б. | Црнобело