„Мојот сон стана реалност“ – Игор Пехчевски кој боледува од цистична фиброза конечно го доби лекот Трикафта
- Детали
- вторник, 30 јануари 2024
„Макотрпната и долга борба конечно вроди со плод. Мојот сон стана реалност“ – Игор Пехчевски кој гласно се залагаше за обезбедување лекови за заболените од цистична фиброза денес го доби лекот „Трикафта“. Пресреќен, тој ги сподели убавите вести на социјалните мрежи.
Игор Пехчевски (32), кој од свои 2 месеци боледува од цистична фиброза е еден од пациентите на кому му е обезбеден пристап до лекот „Трикафта“.
Станува збор за лек кој се смета за револуционерен и живот значи за овие пациенти кои буквално се борат за здив.
Игор беше меѓу најгласните поборници кои се залагаа овој лек да биде достапен за сите пациенти кои боледуваат од цистична фиброза, а денес се пофали на социјалните мрежи дека конечно го добил.
„Денеска почнувам со примање на долгоочекуваниот и револуционерен лек ‘Трикафта’ кој за мене живот значи. Пресреќен сум за тоа што макотрпната и долга борба конечно вроди со плод. Мојот сон стана реалност.
Дојде и тој ден кога ЦФ почнува да значи 'целосно функционални', наместо 'цистична фиброза'. Им посакувам на моите соборци што поскоро сите да го добијат лекот“ – порача Игор на Фејсбук.
https://www.facebook.com/igor.pehcevski/posts/pfbid0mkZovUpUghRcEcchpBihb8BqXsbNMZyFp5pYRbD85saSY19wwBaEaECj3FJ9vzkBl
Инаку, Игор даде ексклузивно интервју за CRNOBELO.com, каде зборуваше за сите предизвици што ги носи цистичната фиброза и како изгледа ова заболување.
Тој дијагнозата ја добил кога бил само 2-месечно бебе, а вели дека како што растел сè повеќе почнала да созрева и болеста.
Целото интервју со Игор Пехчевски можете да го прочитате ТУКА.
Б. С. Б. | Црнобело