Бомбакис за CRNOBELO.com: „На 28 години добив дијагноза за рак на тестиси, ми олесна кога дознав дека ќе можам да имам деца“
- Детали
- петок, 17 ноември 2023
„Дијагнозата за рак ти го менува целиот живот и гледаш во сите негативни ситуации да ја бараш светлата точка, онаа позитивната, и те прави многу појак психички“ – вели за CRNOBELO.com Кристијан Станковски, попознат како Бомбакис. Тој отворено зборува за својата борба со ракот на тестиси, како и за предизвиците со кои се соочува и неколку години по дијагнозата.
Кристијан Станковски (32) е момче од скопски Аеродром кое македонската јавност го запозна благодарение на неговиот Инстаграм профил, каде редовно објавува свои фотографии со пораки напишани на картони, во кои накратко споделува голем број мудри мисли поврзани со нашиот начин на живот и секојдневието.
Кристијан во јули годинава се ожени со неговата сакана Вики, набрзо потоа откри и дека ќе стане татко, а во ноември, месецот којшто е посветен на машкото здравје, овој млад инфлуенсер отворено зборува за својата борба со ракот на тестисите и се труди да го искористи своето влијание за да ја поткрене свеста за важноста на редовните контроли и самопроверувањето.
Бомбакис, или Бомба, за себе вели дека се занимава со многу работи и не може да најде адекватен збор за да опише што е по професија, но за македонската јавност е најпознат како „дечкото со картоните“ кој секогаш знае да ви го разубави денот или да ве замисли со неговите пораки.
Во интервју за CRNOBELO.com тој отворено зборува за својата борба со ракот на тестисите, а во свој стил дава кратки одговори кои директно ја доловуваат поентата.
Во продолжение следува интервјуто со Бомбакис:
Колку години имаше кога првпат ти беше дијагностициран рак на тестисите и како се справи со оваа дијагноза? Која ти беше првата помисла?
Имав 28 години и среќа беа моите близу до мене за поддршка и не читав ништо на интернет за да не мислам на глупости.
Првата помисла без да кажувам веќе знаете што би можело да биде...
Постоеја ли претходно некои симптоми што укажуваа дека имаш рак?
Па, да, имав тапа болка во десниот препон скоро две недели, но мислев дека ми беше од вежбање и, за жал, не беше така како што мислев.
Како изгледаат тестирањата за ваков тип на канцер?
Крвна слика, тумор маркери...
Колку време помина од дијагнозата до операцијата?
5 месеци ама како да поминаа 5 години.
Стравуваше ли дека ракот на тестиси ќе влијае врз можноста да засноваш семејство? Колку дијагнозата се одрази врз твојот приватен живот?
Па, нормално секој сака да има деца, мислам за тоа вреди да се живее, но отпосле, кога ми кажаа дека сè ќе биде во ред и дека има исти случаи што имаат едно, две, три деца, ми олесна многу.
Колку ти значеше поддршката од најблиските и пријателите во овој период? Кој беше постојано до тебе за да ти даде поддршка во овие мигови?
Најмногу ми значеше поддршката особено од мајка ми и татко ми, што е нормално, и многу ми помогнаа.
И да, само 5 другари на кои им ја посветив книгата што дојдоа во болница да видат како сум, што сум, што правам...