Браво! Нашиот кошаркар Ервин Цого стави на аукција дрес за да ѝ помогне на Луна (14) од Гевгелија, за која дечиња продаваа крофни
- Детали
- понеделник, 31 јули 2023
„Дресот ќе го добие тој што ќе даде највисока понуда, а ќе му биде испратен откако ќе ги уплати парите на сметката за лекување на Луна“ – порача нашиот најдобар кошаркар во „3 на 3“, Ервин Цого кој се приклучи кон хуманитарната акција за помош на гевгеличанката Луна, која боледува од церебрална парализа, a за која дечиња собираа донации со помош на продажба на крофни.
Не постојат зборови што може да ја опишат болката и голготата низ која поминуваат родителите кои се нашле во ситуација да се борат за животот на своите деца, а горди сме кога ќе слушнеме дека и нашите познати личности се вклучуваат во хуманитарните акции и се трудат да помогнат да се спаси еден детски живот.
Најдобриот македонски кошаркар во „3 на 3“, Ервин Цого се вклучи во хуманитарната акција за 14-годишната Луна Поп Костова од Гевгелија, за која дечињата од нејзиниот роден град и од повеќе други општини продаваа крофни и рачни изработки, а средствата ги донираа за да се соберат парите што се неопходни да ѝ се направи операција во Турција.
https://www.facebook.com/photo.php?fbid=4306460162913451&set=a.1577884249104403&type=3&ref=embed_post
Ервин, на својот Инстаграм профил објави дека го става на аукција својот дрес што го носеше на квалификациите за Европското Првенство во баскет „3 на 3“.
„Парите од продажбата ќе бидат донирани за операција на малата Луна Поп Костова од Гевгелија, која има церебрална парализа и последнава година и пол се бори со сколиоза.
Операцијата треба да се направи во Турција, а чини околу 64.000 евра.
Понудите за дресот испраќајте ги во инбокс до 04.08.2023 (петок), кога и ќе биде завршена аукцијата. Дресот ќе го добие тој што ќе даде највисока понуда, а ќе му биде испратен откако ќе ги уплати парите на сметката за лекување на Луна“ – порача Ервин.
Инаку, во хуманитарната акција за Луна во изминатите денови се вклучија голем број дечиња од Гевгелија, кои на градскиот плоштад „Фонтана“ по примерот на Нина Нинковиќ од Нови Сад, продаваа крофни, лимонада и рачни ракотворби со цел да му помогнат на семејството на младата гевгеличанка да ги собере парите неопходни за лекување.
Б. С. Б. | Црнобело