Драгица од Скопје и Марк од Бејрут направија волшебна свадба во Либан: „180 Либанци учеа да играат Пајдушко, тортата ја сечевме со меч“
- Детали
- сабота, 22 јули 2023
„По свадбата во Скопје, на свадбата во Бејрут имаше само либански обичаи. Марк сака да ги следи обичаите, па кога одлучил да ме запроси, прво му пратил порака на татко ми и побарал благослов, а ја превел пораката на Google Translate. Овојпат темата на свадбата беше патување околу светот, па поканите ги дизајниравме како либански пасош, а имавме шоуа поврзани со Бразил, Мексико, Италија, Шпанија и Индија“, вели Драгица Ибрахимовиќ за CRNOBELO.com.
Скопјанката Драгица Ибрахимовиќ (27), која работи како стјуардеса во авиокомпанијата Saudia Airlines со седиште во Ријад, Саудиска Арабија, пред 3 години го запознала Марк Саркис од Бејрут, Либан.
Откако парот направи бајковита свадба во Македонија на 22-ри јуни, тие направија и втора свадба во Бејрут, родниот град на Марк.
На свадбата во Бејрут присуствуваа 18 членови од семејството на Драгица.
Меѓу оние кои не сакале да ја пропуштат радоста, бил и дедото на Драгица, кој веднаш си извадил пасош за да може да присуствува на свадбата на внуката во Либан.
Драгица за CRNOBELO.com со многу емоции раскажа за свадбата со Марк:
„Неколку дена по прекрасната свадба која ја имавме во Скопје на 22-ри јуни, тргнавме да го комплетираме вториот дел од оваа бајка, а тој водеше во Бејрут.
Само што ја соопштивме на семејствата одлуката да имаме две свадби, во Скопје и Бејрут, возбудата во моето семејство се дуплираше.
Дури и мојот дедо, кој не сакаше да ја пропушти оваа авантура, веднаш си закажа термин за да извади пасош.
Вкупно 18 луѓе од моето семејство ме придружуваа во овие први денови во моето ново живеалиште, што особено ме направи среќна. Колку и да го сакам мојот сопруг, многу ми беше драго што сепак не бев сама.
Сите имавме измешани емоции, среќа, радост, возбуда, неизвесност.
Секој момент од патувањето беше приказна за себе - подготовката за пат, патот, пристигнувањето, сместувањето.
Секој миг ќе го паметам и сигурно ќе се смееме кога ќе се присетуваме на ова, бидејќи не се случило никогаш порано толку многу луѓе од семејството да одиме заедно на пат.
Овој крај на светот е познат по својот гламур, така што подготовките на дамите за свадбата почнаа многу рано во текот на денот.
Попладнето имавме фотосесија, а тогаш пристигна и семејството на Марк.
Оваа свадба беше стриктно со либански обичаи. Марк сака да ги следи обичаите и традициите.
Па кога тој одлучил да ме запроси, прво му пратил порака на мојот татко во која побарал благослов. Но, бидејќи не зборуваат ист јазик, Марк ја превел пораката на Google Translate.
Меѓу обичаите е и тој дека младоженецот не смее да ја види невестата до моментот додека таа не дојде пред олтарот во црквата, па така Марк не знаеше како изгледа мојата венчаница.
Се венчавме во црквата Свети Мишел во Бакфаја, една прекрасна католичка црква декорирана со огледало на подот и различни цветови.
Во Либан, церемонија во црква трае подолго отколку кај нас, отприлика еден час и половина. За време на церемонијата имавме хор, кој ја надополни атмосферата да биде уште погламурозна.