Ламбе Алабаковски: „Отсекогаш сум имал патриотски чувства кон Македонија и секој треба да е горд и да ја сака својата земја“
- Детали
- вторник, 13 јуни 2023
„Песната 'Оган да го гори' ми е една од омилените уште од детството. Отсекогаш сум имал патриотски чувства кон Македонија и секој треба да е горд и да ја сака сопствената земја како што го сака домот свој. И тоа не е погрешно чувство“, вели Ламбе Алабаковски за CRNOBELO.com.
Пејачот Ламбе Алабаковски ја промовира новата песна „Оган да го гори“. Оваа патриотска песна е дел од проектот „Македонијо во срце те носиме“, во кој се вклучени уште 11 други нумери.
„Оган да го гори“ е преработка на песната која ја направија две фолк-легенди, Гоце Николовски и Војо Стојановски, а новиот аранжман е на Николче Мицевски.
„Песната ми е една од омилените уште од детството. Ова не ми е прва патриотска песна испеана во нов аранжман. Но, можам да кажам дека навистина вака ја замислував и работејќи со Никола Мицевски, буквално сè излезе на место - од ритамот градацијата инструментите“, вели Ламбе за CRNOBELO.com.
Тој ни откри и дека песната кај него на секое слушање буди многу емоции, па затоа така и ја испеал, со многу емоции и душа.
„Отсекогаш сум имал патриотски чувства кон Македонија и секој треба да е горд и да ја сака сопствената земја како што го сака домот свој. И тоа не е погрешно чувство.
Песната досега има многу позитивни критики и се надевам дека ќе има голем успех. Инаку, ова е една од 12-те песни кои ќе бидат дел од проектот ‘Македонијо во срце те носиме’ испеани од повеќе пејачи“, додаде Алабаковски.
За песната Ламбе сними и спот, во кој се вклучени и кадри од Маврово и Галичник.
Освен Ламбе, песните во овој музички проект ги пеат Наум Петрески, Сузана Спасовска, Миле Кузмановски, Бојана Скендеровски, ДНК, Огнен Здравковски, Андријана Јаневска, Александар Тарабунов, Мина Блажев, Марија Спасовска и Зуица Лазова, а меѓу песните се „Заветна“, „Налеј, налеј“, „Народе македонски“, „Едно име имаме“, „Земјо македонска“, „Ој, Вардаре“, „Оган да го гори“, „Послушајте патриоти“, „Ми заплакало село Ваташа“…
Како дел од проектот, во текот на есента низ Македонија ќе тргне и концертен караван.
Погледнете го видеото:
А. Ј. | Црнобело