Фудбалерот Ристе Темелков ја запроси саканата во ресторанот со најубав поглед во Дубаи
- Детали
- недела, 11 јуни 2023
„Ми беше тешко да го скријам прстенот, бидејќи во еден куфер се пакувавме, а таа, претпоставувам како и секоја жена, сè пререди и намести. Но, успеав да го скријам во чорапи, па кога стигнавме во Дубаи веднаш го преместив под мијалникот во тоалетот“ – фудбалерот на ФК Тиквеш, Ристе Темелков, зa CRNOBELO.com раскажа за изненадувањето што ѝ го приредил на саканата.
Ристе Темелков (25), кој е фудбалер на ФК Тиквеш од Кавадарци ѝ направи романтично изненадување на својата девојка Јосифа Стојановик (26) и ја побара за сопруга во Cè La Vi, еден од најпознатите ресторанот во Дубаи, кој е со поглед на Бурџ Халифа.
Ристе и Јосифа на 2 јули 2023 ќе прослават 10 години како ја почнале љубовната врска. Јосифа е од Скопје, а Ристе го запознала во Кавадарци, додека била на летен распуст кај нејзини роднини.
Таа често одела во градот во тинејџерските години, бидејќи нејзината мајка е оттаму. Последниве години Јосифа живее и работи во Кавадарци како градежен инженер.
За CRNOBELO.com Ристе ја раскажа нивната љубовна приказна и од каде идејата да ја запроси во Дубаи:
„После долг период поминат заедно, по многу убави моменти, но секако и успони и падови, знаев дека таа е девојката со којашто сакам да го поминам животот заедно. Уште пред да одиме на одмор сакав да ја запросам.
Додека го планиравме одморот, таа изрази желба да одиме во Cè La Vi, еден од најубавите, елегантни и познати rooftop-и во Дубаи. Но, беше тешко да се закаже и доста скапо, па решивме да 'го скокнеме'. Барем таа така знаеше.
Во меѓувреме стапив во контакт со Александар Ѓелов, кој живее и работи во Дубаи подолг период и со негова помош резервирав маса таму. Без него тешко ќе успеев во идејата, и навистина, ретко се наоѓаат такви луѓе како него.
Запросувањето не е запросување ако не клекнеш на колена. Чекавме ред за фотографирање на познатата лулашка и кога дојдовме на ред, местејќи се, ја изненадив, клекнав и ја побарав за сопруга.
Беше изненадена и се расплака, мислеше дека изненадување е самото тоа што организирав да одиме во Cè La Vi.
Инаку прстенот ѝ е еден број поголем, а при изборот ми помогна нејзината сестра близначка. И беше баш тешко да го скријам, бидејќи во еден куфер се пакувавме, а таа, претпоставувам како и секоја жена, сè пререди и намести.
Но успеав да го скријам во чорапи, па кога стигнавме во Дубаи веднаш го преместив под мијалникот во тоалетот. Но, среќен сум што не дозна и ја изненадив“.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело